10 јули 2023, Скопје – По интензивните средби и разговори, работната група денеска во Министерството за финансии го дефинираше моделот за раст на платите на вработените во јавната администрација.
„Постигнато е системско и одржливо решение за пораст на платите на вработените во јавниот сектор. Предлогот што го утврдивме заедно со претставници на синдикатите ќе биде доставен до Економско-социјалниот совет, кој ќе го утврди на седница, којашто ќе се одржи во текот на наредните денови. Станува збор за системско решение кое обезбедува раст на платите на сите вработени во јавниот сектор за 10%, почнувајќи од платата за септември 2023 година“, истакна министерот Фатмир Бесими, кој беше дел од работната група заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Kако што додаде, решението ги штити интересите на работниците, стандардот, но истовремено ја следи и продуктивноста на домашната економија.
„Најзначајно е дека станува збор за решение постигнато преку дијалог со што градиме меѓусебна доверба, решение кое воспоставува систем на долг рок и гарантира раст на платите на сите вработени во јавниот сектор, но и заштита на стандардот на граѓаните“, потенцира министерот Бесими.
Покрај 10% раст на платите од септември, во разговорите беше постигнат и договор за воведување нова методологија на плати со коефициент според просечната бруто-плата, а таа ќе важи од март 2025 година. Исто така, договорено е регресот за годишен одмор да се исплати во износ од 10.000 денари нето за 2023 година, а од 2024 година па понатаму, според општиот колективен договор, тој да изнесува најмалку 30% од просечната нето-плата.
Со цел имплементација на договореното, во септември ќе се подготви ребаланс на Буџетот.
Дијалогот за раст на платите се води во рамки на Економско-социјалниот совет, на кој во изминатиот период на дневен ред беше потпишувањето Општ колективен договор за сите вработени во јавниот сектор, со цел воспоставување системско решение кое ќе важи за сите подеднакво.