14 јули 2023, Вашингтон – Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, денеска во седиштето на Светската банка во Вашингтон, оствари средби со извршниот директор на СБ, Кун Давидсe и директорот за човечки развој, Мајкл Рутковски.
Средбите се во функција на подготовка на новата Рамка за партнерство на земјата со Светската банка за периодот 2024 – 2028 година. Заменик-министерот изрази благодарност до оваа меѓународна финансиска институција за подготовката на Системската дијагностика на земјата, која претставува аналитички извештај којшто ѝ претходи на Рамката за партнерство.
„Внимателното идентификување на приоритетите е особено значајно за успешна реализација на новата програма и постигнување на поставените цели. Приоритетите што ќе бидат вградени во новата Рамка за партнерство треба да произлезат од она што е дефинирано како приоритет на Владата во националните стратешки документи и во Програмата за економски раст, во која се вклучени заеднички усвоените клучни реформи со Европската Унија, а кои значат и побрзо доближување на земјата до ЕУ“, истакна заменик-министерот за финансии.
На средбите стана збор и за тековното портфолио на проекти што се спроведуваат во нашата земја со поддршка од Светската банка. Стануцва збор за имплементација на девет проекти со заеми од околу 400 милиони американски долари.
Николоски се осврна и на активностите на Владата за усвојување на Стратегијата за човечки капитал, како стратешки документ за постигнување побрз, инклузивен и одржлив раст и обезбедување подобри услови и подобар животен стандард на граѓаните. Стратегијата има за цел да ѝ помогне на земјата да ги подобри резултатите од човечкиот капитал и да ги идентификува клучните предизвици, како и реформските приоритети коишто ќе го подобрат и поддржат патот кон поголем просперитет.
Во Вашингтон, во седиштето на Меѓународниот монетарен фонд, заменик-министерот Николоски оствари средба со алтернативниот извршен директор, Лук Дресе и со шефот на Мисијата на ММФ, Жак Миниан.
На средбата се разговараше за економските состојби и политики во земјава при што заменик-министерот ја потенцираше заложбата на Владата на РС Македонија за обезбедување долгорочна фискална одржливост.