Вести|

27 октомври 2023, Скопје – Ефикасното справување со неформалната економија во нашето општество бара системски пристап и координација помеѓу институциите. Во таа насока се дефинирани и мерките и активностите во Стратегијата и Акцискиот план, а со цел ефикасна имплементација формирано е меѓуресорско тело, поточно Национален совет за формализација на неформалната економија. Ова тело денеска ја одржа конститутивната седница, а со неа претседаваше министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Станува збор за воспоставување сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформалната економија. Системот подразбира зајакнување на институционалните капацитети, зајакнување на координацијата помеѓу институциите, интероперабилност помеѓу институциите, унапредување на законската регулатива и дефинирање индикатори за мерење на резултатите. Со конституирањето на Националниот совет се воспоставува токму таа институционална инфраструктура за успешно имплементирање на конкретните активности дефинирани во Стратегијата за формализација на неформалната економија и Акцискиот план, а кои се засноваат на сеопфатен пристап во справувањето со овој предизвик“, посочи министерот и додаде дека во пресрет на одржување на конститутивната седница, минататата недела беше одржан подготвителен состанок со вклучените во овој процес.

Мерките и активностите се насочени во две групи: стимулативни и контролни, но најважно е да се работи на јавната свест за да се препознаат придобивките од преминувањето од неформалниот во формалниот сектор на дејствување, како и на подигнување на даночниот морал.

„Ќе се работи на развој на интегрирана платформа со инклузивен пристап од страна на граѓаните и правните лица кои ќе споделуваат идеи и укажувања за намалување на неформалната економија. Исто така ќе се работи и на развој на кампања за зајакнување на свеста дека јавните давачки служат за давање подобри јавни услуги што, пак, значи подобар животен стандард, подобри услови за живеење, односно подобра инфраструктура, подобро образование, здравствена и социјална заштита и слично“, истакна министерот Бесими.

На состанокот беше изразена силна волја за справување со оваа појава во нашето општество и беше упатено на потребата од поголема размена на информации и допрецизирање на надлежностите на одредени институции.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, еден од копретседавачите во Советот, исто така, потенцира дека за сузбивање на сивата економијата потребно е системско решение, поголема интероперабилност помеѓу институциите од една страна и зголемување на свеста за придобивките од формализацијата на неформалната економија од друга страна. „Она што е особено важно е нерегистрираните дејности да ги препознаат придобивките што ќе ги ползуваат од влегувањето во формалниот систем. Позитивни примери за тоа имавме во време на ковид-кризата“, рече Битиќи.

Националниот совет за формализација на неформалната економија го сочинуваат 20 членови, претставници на највисоко ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија, односно вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, министрите за економија, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, транспорт и врски, потоа првите луѓе на Управата за јавни приходи, Царинската управа, Бирото за јавни набавки, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Централниот регистар на РСМ, Инспекцискиот совет, Државниот завод за статистика и гувернерот на Народната банка на РСМ. Националниот совет за следење на напредокот во спроведувањето на мерките и активностите ќе се состанува на квартално ниво.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *