30 ноември 2023, Скопје – Постигнувањата во развојот на земјата во изминатиот 30-годишен период, што е резултат на поддршката добиена од Светската банка, беа тема на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Групацијата на Светската банка за регионот, Антонела Басани и регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Шиаочин Ју. На средбата присуствуваше и директорот на СБ во земјава, Масимилијано Паолучи.
„Задоволство е што денеска, во пресрет на Конференцијата со која го одбележуваме 30-годишното заедничко партнерство на РС Македонија и Светската банка, можевме да разговараме за постигнатото и за исходот од тоа партнерство за мојата земја, како и за сето она што го реализиравме заедно во изминатите 30 години“, рече министерот Бесими.
Притоа ја истакна важноста на реализираните проекти со помош од Светската банка за развојот на целото општество, економијата и животната средина.
„Ова партнерство е од исклучителна важност за Владата на РС Македонија, не само од аспект на финансирањето, туку и при обезбедувањето знаење и експертиза. Потврда за нашата голема соработка се реализираните 65 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари“, рече министерот и додаде дека соработката и партнерството продолжуваат, а во тек се девет проекти во износ од 404 милиони американски долари.
Тој потенцира дека поддршката од страна на оваа меѓународна финансиска институција се одвива во разни области коишто се од исклучително значаење за нашата земја, како на пример, обезбедената поддршка за време на ковид-кризата, енергетската криза и други предизвици.
На средбата министерот изрази благодарност за поддршката од СБ во процесот на обезбедување на Заемот за развојни политики којшто е насочен кон остварување поотпорна економија и зелен развој, како и за подготовката на новата Рамка за партнерство во која се опфатени областите каде што Групацијата на Светската банка ќе обезбеди поддршка за развојната агенда на земјата. Новата Рамка го опфаќа периодот од 2024 до 2028 година и се очекува да биде одобрена на почетокот на следната година.