Вести|

октомври 2024, Скопје – Ребалансот на Буџетот, којшто го изготвивме во првите 100 дена, веќе се реализира. Веќе се исплаќаат обврските за кои претходната Влада немаше испланирано доволно средства, а се покриваат и доспеаните обврски за кои, исто така, беа обезбедени средства со ребалансот. Но она што нѐ изненадува е појавувањето на дополнителни недоспеани обврски. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на Тв Алсат.

                                                                                                   

„Состојбата што ја затекнавме беше алармантна. Беше реализиран 71% од дефицитот, што значи несразмерно многу потрошено во првата половина од годината. Оставени сметки речиси без средства. Односно, 47 милиони евра на девизната, а долгот само за кредити на ЈП коишто не можеле да ги платат самите беше поголем, како и огромен минус од над 60 милиони евра на денарската сметка. Доспеаните обврски кои и ден денес нѐ изненадуваат се над 200 милиони евра. Овие податоци произлегуваат од она што е пријавено во МФ. Но, од разговорите со министрите што ги имавме во изминатиот период откривме и многу други работи. Како на пример, дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството има минус на еден цел буџет, односно 150 милиони евра. Значи сѐ уште има многу обврски коишто не се евидентирани во Министерството за финансии. Затоа побарав да се направи вонредна ревизија и во таа насока формиравме тимови кои ќе работат на констатирање на доспеаните обврски во рамки на институциите“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа се осврна на новиот Буџет за 2025 година, при што наведе дека неговата подготовка е при крај и дека приоритет ќе биде ставен на инфраструктурни проекти, проекти за дигитализација во МФ и други министерства, проекти во здравството, образованието и сл. Исто така, обезбедени се средства за зголемувањето на пензиите, а се прават напори и за покачување на платите во основното и средното образование, како и во здравството, особено за медицинските сестри и техничкиот персонал.

Во однос на средствата за проектите за општините опфатени со ребалансот на Буџетот, наведе дека предвидените 6 милијарди денари се распределени по министерствата преку кои ќе се реализираат проектите и дека најголем дел се во Министерството за транспорт и врски каде што се буџетирани во две ставки.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *