10 октомври 2024, Скопје – Одговорно планирање и трошење на буџетските средства прибрани од даночните обврзници и обезбедување средства за сервисирање на сите обврски по најнизок трошок е одликата на работењето во Министерството за финансии во првите 100 дена од преземањето на власта. Сработеното во Министерството за финансии во првите 100 дена го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција.
„Во изминатите 100 дена во Министерството за финансии заедно со вработените бевме целосно посветени во работењето и можам да изразам задоволство од постигнатото – обезбедено финансирање за сервисирање на сите обврски до крајот на годината и постепено стабилизирање на јавните финансии“, истакна министерката и додаде дека иако состојбата ја следеле и однадвор како опозиција, сепак при преземањето на власта таа била и повеќе од алармантна.
Посочи дека со ребалансот на Буџетот се решение отворени прашања, при што е обезбедена и редовна и целосна исплата на обврските.
Според министерката, она што е исто така многу важно е што се обезбеди финансирање на буџетските потреби и тоа по многу поволни услови.
„Во првите 100 дена работевме и на обезбедување поволни средства за финансирање на буџетските потреби предвидени со Буџетот за 2024 година, и тоа да го направиме со најмал можен трошок за Буџетот. Затоа одлучивме наместо со еврообврзница со камата од 6%, да го обезбедиме финансирањето со билатерален заем со камата од 3,25% и на тој начин да направиме заштеда само по основ на камати од околу 14 милиони евра годишно. Дополнително на ова, се прави заштеда и по основ на трошоци за заемот кои изнесуваат само 70 илјади евра за разлика од трошоците за издавање еврообврзница кои достигнуваат до 1 милион евра“, истакна министерката, која најави дека постпаката за префрлање на средствата е во тек.
Порача дека посветеноста продолжува и во наредниот период, и тоа преку спроведување политки коишто ќе обезбедат подобро утре за сите.