7 ноември 2024, Скопје – Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски денеска учествуваше на првата тркалезна маса посветена на алатките за мониторинг и евалуација на Националната развојна стратегија, на која порача дека целта на Националната развојна стратегија е да се постигне забрзан и одржлив развој на домашната економија и дека значаен аспект во нејзината имплементација е прашањето на мониторингот и евалуацијата на спроведувањето.
„Целта на Националната развојна стратегија е да се постигне забрзан и одржлив развој на домашната економија. Таа ја дефинира визијата за развојот на економијата, а стратешките области кои ги дефинира вклучуваат: одржлива, иновативна и конкурентна економија; одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија; демографска ревитализација и социјален и културен развој; владеење на правото и добро управување; безбедно, сигурно и отпорно општество и зелена трансформација. Сите тие се дел од сеопфатната визија на државата за просперитетна и инклузивна иднина – иднина која треба да ја обезбедиме за сегашните и за идните генерации“, рече заменик-министерот Јанкуловски.
Тој додаде дека приоритетите и реформите коишто се дефинирани во овој долгорочен документ и целите коишто треба да се постигнат во наредниот период треба да бидат водилка во утврдувањето на мерките и активностите во програмите и проектите што ќе бидат креирани од страна на институциите. Притоа, потенцира дека следењето на напредокот на НРС ќе даде кредибилни докази дали конкретните иницијативи придонесуваат за остварување на поставените цели. Тоа, како што посочи, ќе им овозможи на различните чинители да носат одлуки врз основа на релевантни податоци, а со тоа ќе се постигнат и посакуваните резултати.
Работилницата беше организирана од страна на Програмата за развој на ОН – УНДП, со чија поддршка беше подготвена Националната развојна стратегија.