Вести|

22 ноември 2024, Скопје – Управата за јавни приходи игра значајна улога во прибирање на приходите во Буџетот, а во реализацијата на својата надлежност  важно е да обезбеди фер принципи и постапки, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на трибина на тема „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“, организирана по повод Денот на даночните работници.

„Наша определба како Влада, која е утврдена уште со преземање на власта, е борба со сивата економија. Тоа е полето на кое треба да дадеме приоритет и тука да го најдеме приходот којшто ќе биде дополнителен импут во реализација на политиките кои значат подобра инфраструктура, подобри здравствени услуги, подобро образование, подобри социјални услуги, подобар стандард на граѓаните, повисок економски раст“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека Управата за јавни приходи презема соодветни мерки со кои е зголемена ефикасноста во прибирањето на приходите и дека на тоа упатуваат податоците за раст на даночните приходи за 14,4%.

„Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година бележат раст од 11,2%, при што растот кај даночните приходи е 14,4%. За одбележување е дека во јули оваа година УЈП наплатила даноци и придонеси за 31% повеќе во споредба со јули минатата година, во август за 12,5%, во септември за 18,7% итн. И оваа динамика и тренд ќе продолжат со цел остварување на проекциите за раст на приходите во наредната година за 12,8%, што ќе се темели пред сѐ на ефикасноста во прибирањето и борбата со сивата економија, а не врз основа на инфлацијата која следната година ќе ја достигне историски ниската стапка од 2,2%“, рече министерката за финансии.

На панел-дискусијата, која беше организирана од Управата за јавни приходи, се обрати директорката на УЈП Елена Петрова која го претстави новиот визуелен идентитет на Управата, којшто се темели на тимска работа, посветеност, успех и напредок, а потоа и претставници од Министерството за финансии, УЈП, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и од бизнис-секторот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *