6 март 2025, Скопје – Македонија се приклучи на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Со тоа компаниите полесно ќе се приклучуваат во прекуграничната трговија со стоки и услуги, а граѓаните ќе добиваат поедноставни, побрзи и поевтини услуги при трансфери на пари во земјите од СЕПА – напиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот профил на Фејсбук по донесувањето на Одлуката во Брисел од страна на Европскиот совет за плаќања.
„Ова е потврда на напорите што ги вложија Министерството за финансии, Народната банка и другите институции кои во изминатиот период работеа на усогласување на регулативата за приклучување на земјата во областа на СЕПА, односно во единствениот систем на плаќање за граѓаните и бизнисите од земјата со оние од областа на СЕПА, поточно од ЕУ. За компаниите го олеснуваме вклучувањето во прекуграничната трговија со стоки и услуги во областа на СЕПА, проширувањето на нивните бизниси и зголемувањето на нивната конкурентност, а за граѓаните овозможуваме поедноставни, побрзи и поевтини услуги при трансфери на пари во земјите од СЕПА“, наведува министерката.
Таа додава дека за да се оствари оваа цел Министерството за финансии пристапи кон измена на Законот за платежни услуги и платни системи и на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам со цел хармонизација со регулативите на ЕУ.
„Компаниите и граѓаните ќе вршат трансфери како во домашниот платен промет со 38 земји коишто се дел од СЕПА и ЕУ. Резултатите пристигнуваат, не отстапуваме од зацртаната цел да изградиме напредна држава и развиена економија. Македонија ги следи светските трендови“, посочува министерката Димитриеска-Кочоска.