Вести|

10 март 2025, Скопје – Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, заедно со заменик-министерот Марјан Ристески и заменик-министерката Викторија Трајков, од името на Владата оддадоа почит на жртвите на холокаустот со полагање свежо цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи од Битола и на народната хероина Естреја Овадија Мара.

„Со длабока почит и тага, се сеќаваме на 7144 македонски Евреи кои беа одведени од своите домови и депортирани во логорот Треблинка, каде што нивниот живот беше насилно прекинат. Во срцето на Битола, град со длабоки историски корени и мултикултурно наследство, стоиме обединети во сеќавањето на оваа трагедија, но и решителни да го зачуваме сеќавањето и да пренесеме силна порака за иднината“, истакна заменик-министерот Јанкуловски.

Тој додаде дека холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата и посочи дека Владата останува посветена на борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и сите облици на дискриминација.

„Денес не сме тука само да жалиме, туку и да испратиме порака – дека никогаш нема да дозволиме да се повтори таква неправда. Се поклонуваме пред жртвите, но воедно и ги повикуваме сегашните и идните генерации да учат од историјата, да градат општество засновано на мир, разбирање и солидарност. Никогаш да не се повтори“, наведе Јанкуловски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *