Вести|

28 март 2025, Скопје – Секторот Академија за јавни финансии при Министерството за финансии ја реализираше првата обука предвидена во Годишната програма за обука за 2025 година. Обуката на тема „Права и обврски на органите на државната управа кои произлегуваат од Законот за данокот на додадена вредност со посебен осврт на измените во членот 14 од истиот“ беше намената за вработените во јавниот сектор, кои директно, во своето работно секојдневие, ги засегаат областа и прописите за ДДВ.

Вработените во јавниот сектор често се соочуваат со предизвици во управувањето со комплексноста на прописите за ДДВ и при обезбедувањето усогласеност. Без соодветна обука, постои ризик од грешки во пресметките на ДДВ, несогласувања во известувањето и потенцијални правни проблеми. Оттаму, целта на предметната обука беше вработените во јавниот сектор да се здобијат со неопходното знаење и вештини со цел ефикасно управување со задачи поврзани со ДДВ, особено во делот на системот на ДДВ којшто се однесува на државни органи вклучувајќи ги и најновите измени во Законот за ДДВ.

Во текот на обуката, обучувачите, коишто се експерти во областа – вработени во Секторот за јавни приходи, даночна и царинска политика, преку презентации и практични примери го истакнаа клучното значење на одржувањето финансиски интегритет и избегнувањето на последиците од непочитување на прописите. Тие дадоа значаен придонес во решавањето на гореспоменатите предизвици, притоа обезбедувајќи им на учесниците темелно разбирање на прописите за ДДВ, практични вештини за соодветно постапување со ДДВ и стратегии за оптимизирање на даночното планирање. Обуката беше насочена кон подобрување на ефикасноста и ефективноста на сметководствените процеси во јавниот сектор.

Министерството за финансии, преку секторот Академија за јавни финансии, продолжува да инвестира во континуираната едукација на вработените во јавниот сектор во областа на јавните финансии. Во тек е организирање на другите обуки предвидени во Програмата за обука за 2025 година, како и на ад-хок обуки, приспособени на актуелните потреби и предизвици со кои се соочуваат вработените во јавниот сектор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *