Вести|

5 април 2025, Скопје – Владата и Министерството за финансии целат кон примена на европските стандарди за модерно и одговорно управување со јавните финансии со цел ефикасно управување со средства и транспарентност и одговорност на институциите. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на петтата по ред Меѓународна конференција за контролинг којашто се одржа во Скопје, а беше посветена на процесот на контролинг во приватниот и во јавниот сектор.

„Темата на Конференцијата носи силна симболика за контролингот како Рубикова коцка, односно алатка која помага да се доведе ред во комплексноста – да се направи стратегија од хаосот, да се поврзат различни делови од системот во функционална и ефективна целина.
На овој процес не треба да се гледа како на луксуз туку како неопходност, и тоа и во приватниот и во јавниот сектор. Во приватниот сектор, тој дава можност за навремено следење на резултатите, планирање, алоцирање ресурси и подобрување на профитабилноста – постапки коишто се особено важни за развој и создавање одржлив бизнис“, рече министерката.

Таа појасни дека ефикасното управување со јавните финансии, институции и развиени претпријатија ќе придонесе за севкупниот национален развој. Затоа, покрај посветеноста на државата на реформските процеси, значајно е и воведувањето вакви процеси во приватниот сектор со цел тој да обезбеди сопствен развој, кој ќе влијае и врз развојот на државата. Заедно сме во постигнувањето на таа цел – преку индивидуален план до колективни резултати.

Таа упати порака дека процесот на контролинг е важен и во приватниот и во јавниот сектор, затоа што преку сопствен развој на компаниите се постигнува повисок економски раст во земјата, што е еден од приоритетите на Владата.

Министерката за финансии е една од првите сертифицирани лица за вршење контролинг во Македонија, била дел од едногодишната Академија за контролинг спроведена од Менаџмент центар Белград, лиценцирана од CA AKADEMIE AG во Минхен, па своето знаење подоцна го применува во својата долгогодишна кариера во приватниот сектор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *