Вести|

10 април 2025, Скопје – Владата ќе ја продолжи дискусијата со администрацијата на САД во врска со воспоставувањето слободна трговија, вели министерката за финансии во изјавата за медиумите од Економскиот форум во Делфи, на кој, во економскиот дел, во фокусот се последните одлуки на САД во врска со царините.

„Клучно е дека Европа е подготвена, многу е смирена. Тука се присутни претставници и од Светската банка и од ММФ и од ЕБОР и гледам една смиреност кај нив. Мислам дека работите ќе се вратат во нормала за кусо време. Вчера имаше една поинаква дискусија во врска со толку високите царински стапки, денеска веќе е нешто друго, нешто што и американската економија може да го поднесе. Не очекувам некое големо влошување особено за македонската економија. Заклучоците на економистите што учествуваат на Форумот се дека ова е крајот на глобализацијата. Тие се едногласни во ставот дека во оваа ситуација најмногу ќе страда Америка бидејќи се очекува оваа земја да се соочи со инфлација и многу низок раст на економијата“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа најави дека следната недела патува во Вашингтон на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, каде што ќе ја искористи можноста за средба со претставници од Трезорот на САД.

„Зошто да не се обидеме да ја искористиме ситуацијата во наша полза?! Дискусијата за слободна трговија останува и тука не се откажуваме“ , изјави министерката.

Според неа, од одлуките на САД најмногу последици ќе трпи токму американската економија. „Може да се каже дека доколку останат одлуките такви какви што се, тие ќе влезат во стагфлација, односно намалување на растот, можеби и негативен раст и инфлација, а сето тоа во Европа ќе оди задоцнето“, истакна министерката за финансии.

Министерката Димитриеска-Кочоска учествува на 10. Економски форум што се одржува во грчкиот град Делфи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *