Вести|

16 април 2025, Скопје – Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии организираше стручна обука на тема „Обезбедување средства од странски заемодавец за финансирање конкретен проект на носител на јавен долг“.

Обуката беше наменета за вработени во јавниот сектор кои работат на активности за подготвување, финансирање и имплементација на проекти, особено на големи инфраструктурни проекти.

Обуката ја спроведоа експерти од Секторот за меѓународни финансиски односи при Министерството за финансии, кои преку практични примери и студии на случаи ги презентираа најважните аспекти на прописите и практиките за меѓународна финансиска соработка. Посебен акцент беше ставен на значењето на почитувањето на регулативата и одржувањето на меѓународната соработка, коишто се предуслов за поголем финансиски интегритет и за избегнување правни последици.

Обуката има за цел унапредување на знаењето на учесниците во врска со обезбедувањето поволни, стабилни и одржливи финансиски извори за финансирање конкретни проекти, согласно со одредбите од Законот за јавен долг. Учесниците беа запознаени со дел од законските одредби и нивната практична примена со цел успешно прибирање средства од странски заемодавци, како што се меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори.

Особено беше нагласена важноста од соодветна координација помеѓу надлежните институции во насока на обезбедување поволни заеми и грантови, што придонесува кон одговорно управување со јавните финансии и навремена реализација на проектите од национално значење.

Министерството за финансии, преку Академијата за јавни финансии, останува посветено на обезбедување континуирана едукација, воведување иновативни пристапи во управувањето со јавни финансии и поттикнување култура на континуирано учење во јавниот сектор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *