23 април 2025, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во Вашинтон и учествува на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, очекува дека проектираниот раст на економијата во нашата земја од 3,7% е реален.
„Оваа криза, која носи голема неизвесност, ние како држава можеме значително да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските во нашата земја. Односно, капцитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат, на некој начин, поевтина работна сила. Иако во земјава работната сила веќе не е евтина, сепак е на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7% е реална проекција“, рече министерката за финансии во изјава за македонските медиуми по објавувањето на Глобалниот извештај на ММФ.
Таа потенцира дека она на што е посветена Владата и она што го бара ММФ е фискална консолидација, но дека работите не можат да се сменат преку ноќ.
Минисерката за финансии од денеска до 26-ти овој месец учествува на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, каде што ќе оствари средби со високи претставници од овие две меѓународни финансиски институции, како и со претставници од Трезорот на САД.