24 април 2025, Скопје – Состојбите во економијата, политиките што ги презема Владата и посветеноста во остварувањето на тие политики со цел остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата се дел од темите на кои министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе разговара на состаноците во Вашингтон, каде што учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
„Во Вашингтон ќе разговараме со меѓународните финансики институции и инвеститорите за состојбите во економијата. Важно е да одржуваме редовни состаноци, затоа што на почетокот на 2026 година очекуваме издавање еврообврзница од најмалку 700 милиони евра, бидејќи доспева за враќање претходно издадена еврообврзница на износ од 700 милиони евра. Ваквата постојана комуникација со меѓународните институции е важна и за да покажеме дека работиме посветено, што,пак, влијае врз висината на каматата“, рече министерката во интервју за Македонската телевизија.
Таа додаде дека проекцијата за раст на економијата од 3,7% нема да се ревидира, а тоа се темели на она што се работи и дека ова ќе биде презентирано и на состаноците со претставниците од ММФ и Светската банка. Во однос на инфлацијата наведе дека, исто така, се преземаат мерки и дека на среден рок ќе има стабилизирање.
Наведе дека очекува поддршка од Светската банка во однос на спроведување дигитализација на процесите во Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и од Трезорот на САД преку експертиза за забрзана имплементација на тие процеси.
Како што посочи, тоа ќе помогне во давање побрзи услуги кон бизнисот, за што било разговарано и на средбите со македонските иселеници во Чикаго, кои имаат свои компании во САД, но и во РС Македонија и планираат да ги прошират своите деловни активности.
Во одговор на прашање во врска со исплатата на платата на вработените во институциите од секторот култура, рече дека тоа ќе биде направено во оној момент кога платата ќе биде пресметана согласно закон.
„Уште од првиот ден инсистирам пресметките да ги направат согласно општиот и посебниот колективен договор и во оној момент кога ќе се пресметаат, тие ќе бидат исплатени согласно закон. Инаку, преку Буџетот плата земаат 90000 лица и досега немало проблем. Истите закони важат и за вработените во секторот култура и тие треба да се почитуваат“, рече министерката, додавајќи дека прашањето со исплатата на платите на инспекторатите произлегува од неусогласеност со посебните закони.