26 април 2025, Скопје – Владата гради партнерски однос со Светската банка во спроведувањето на дефинираните реформи и приоритети за унапредување на условите за живот и зајакнување на капцитетите на институциите. Рамката за партнерство за периодот 2024 – 2028 година ја следи развојната агенда на земјата и дава поддршка во износ од 695 милиони американски долари во насока на подобрување на квалитетот на испораката на јавни услуги, креирање попродуктивни работни места во приватниот сектор и зајакнување на отпорноста на климатските промени. Ова беше истакнато на средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, потпретседателката Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорот за земјава во СБ Масимилијано Паолучи. На средбите присуствуваше и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
„Светската банка е наш партнер во реализација на проектите со кои ја подобруваме инфраструктурата, но стои заедно со нас и во решавање на многу предизвици на полето на социјалните услуги, здравството, воведувањето нови технологии и сл. Во моментов се работи на 10 проекти финансирани од Светската банка, во износ од 468 милиони американски долари, насочени кон надградба на патни делници, енергетска ефиаксност во јавниот сектор, олеснување на трговијата и транспортот во ЗБ, изградба и реконструкција на локални патишта, унапредување на социјалните услуги, модернизација на земјоделството, унапредување на основното образование и сл.“, рече министерката.
На средбите беше потврдена континуираната поддршка од страна на Светската банка кон нашата земја и воедно беше истакнато дека таа ќе продолжи и во наредниот период согласно приоритетните области што ќе ги утврди Владата. Реализацијата на проектите ќе се дефинира со Рамката за партнерство.
Состаноците се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ од 21 до 26 април во Вашингтон. За време на престојот во Вашингтон, министерката оствари средби и со високи претставници од ММФ, од Трезорот на САД и од мултинационални финансиски корпорации. Претходно беше во посета на Чикаго, каде што оствари средби со македонската заедница. На средбите министерката ги истакна целите на фискалната политика, напорите за фискална консолидација и посветеноста кон остварување повисоки стапки на економски раст.