Скопје, 21 октомври 2015 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на својот фејсбук профил најави дека од 29 овој месец до 1 ноември во Скопје Сити Мол ќе се одржи нов саем „Купи куќа, купи стан“, како што вети на минатиот саем пред една година.
На саемот ќе учествуваат Министерството за финансии, банките кои се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“, како и градежни компании со понуда на станови. Како што е најавено, ќе има и саемски попусти на становите.
Караванот „Купи куќа, купи стан“ досега одржа и повеќе презентации по градовите низ Македонија со цел да се доближи проектот до секој граѓанин на кој му е потребен. Презентации беа одржани во Охрид, Битола, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Свети Николе, Велес, Куманово, а денес во 17 часот во Домот на АРМ во Тетово ќе бидат презентирани можностите на проектот пред граѓаните на овој град.
Преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега се доделени субвенции во износ од 4,3 милиони евра, а поединечно субвенцијата може да достигне до 14.000 евра.