Скопје, 14 јуни 2012 (МИА) – Владата ќе оди со помало задолжување кај Дојче банка наместо најавеното од 250 милиони евра. Вицепремиерот и министер за финансии денеска најави дека задолжувањето ќе биде 75 милиони и оти во текот на годината се остава можност зависно од условите на пазарот да се види дали ќе се оди со дополнително задолжување.
– Договорот и разговорите со Дојче банк се во финална фаза. Со оглед на тоа дека во последните 30 дена има влошување на состојбите на пазарот на капитал во Европа поради неизвесноста со изборите во Грција и состојбите во Шпанија и Италија, најверојатно ќе одиме на опција на помало задолжување од иницијално предвиденото. Во оваа фаза разговараме за 75 милиони евра кои може да ги добиеме по цена која е прифатлива за нас, претходно објавена, а оставаме можност подоцна до крајот на годината зависно од условите на пазарот да видиме како и дали ќе одиме на дополнително земање средства, изјави министерот одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата на Република Македонија.
Во врска со тоа како ќе се обезбедат пари за враќање на еврооврзницата, бидејќи првично беше најавено дека средствата од Дојче банк се повлекуваат за буџетски потреби и за враќање на еврообврзницата, министерот појасни дека Владата ќе продолжи да го оптимизира своето портфолио на задолжување со цел да ги извлече најдобрите услови и оти во таа насока е комбинацијата на мерки што ја предвидуваат за оваа година. Комбинацијата вклучува 100 милиони евра поддршка од Светска банка по ниска каматна стапка од 1,2 проценти, средства од домашниот пазар со каматни стапки кои се од 4 проценти до 4,75 зависно од рочноста и на надворешниот пазар со околу 6,8 проценти каматата. Министерот Ставрески додаде дека ќе се направи комбинација од овие три извори на финансирање со цел да се задоволат потребите на буџетот и да се продолжи со политиката на редовно исплаќање на обврските кон странство.