Скопје, 8 мај 2019 (МИА) – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е наш стратешки економски партнер за реформите и за создавање одржлива пазарна економија на нашиот пат кон Европската унија, порачаа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски кои денеска учествуваа на церемонијата на отворање на Генералното собрание на ЕБОР во рамки на Годишните средби на ЕБОР во Сараево, соопшти владината прес-служба.

Заев и Тевдовски ги оценуваат средбите како одлична можност за поврзување и претставување на инвестициските можности во земјава, како и за дискутирање за тековни и идни проекти поддржани од Европската банка за обнова и развој.

– Главни теми на кои се разговара се регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја Северна Македонија. Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1.9 милијарди евра во нашата земја која имплементира над 150 проекти кои го дефинираат севкупниот развој на нашата земја затоа е многу важно да ги искористиме сите можности што значат и пренесување на знаење, позитивни искуства за реализација на одредени проекти, а истовремено да охрабриме и побрзи процедури во делот на ЕБРД, подобри пракси и на крајот позабрзан раст и развој на нашата земја,  изјави премиерот Заев.

Тој потенцира дека  ЕБОР претставува исклучително важен стратешки економски партнер на Република Северна Македонија долги години наназад во спроведување на реформите, во создавањето на одржлива пазарна економија и во приближувањето на земјата кон ЕУ.

-Сето тоа што се случува во Република Северна Македонија после сите политички договори, дефинитивно ја става земјата во позиција да ги максимизира своите ефекти за да го забрза својот раст и развој, да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме платите на граѓаните, а ЕБРД може да одигра значајна улога. Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари кај малите и средни претпријатија заради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа. Верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои пред нас, во реализацијата на големите капитални инвестиции како што е патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија, рече премиерот Заев.

Министерот Тевдовски најави дека во јуни на Бордот на директори на ЕБОР треба да се одобри Новата стратегија за соработка со Република Северна Македонија 2019-2024 година. Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети: поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ и насочување кон зелена економија, информирал Тевдовски.

Преку проектите согласно со приоритетот за поддршка на конкурентноста треба да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население кое живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. За јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ, пак, ќе се спроведат проекти со кои треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики.  Проектите за одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите се насочени  кон зајакнување на капацитетите на обновлива енергија, да се зголеми енергетската ефикасност и ефикасност на ресурсите како и да се подобри  еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво.

– Реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст и ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, изјави Тевдовски.

Comments are closed.