Македонските финансиски власти и Мисијата на Меѓународниот фонд за Македонија се се поблиску до постигнување договор за понудата од Фондот до Македонија за користење отворена кредитна линија, чиј износ ќе биде најмалку 400 милиони евра, информира денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Тој попладнево почнува финални разговори со делегацијата на ММФ предводена од шефот на Мисијата Вес Мек Гру, кои очекува да завршат во следните неколку денови со одлука за прифаќање на понудата.
 
– Се поблиску сме до носење на одлуката за користење на кредитната линија од ММФ која е под исклучително поволни услови. Според она што се нуди од нивна страна и што е генерално правило за ваквите кредитни линии земјата во првата година може да користи 500 проценти од квотата односно за Република Македонија тоа би значело 400 милиони евра за период од 12 месеци. Со оглед дека има размислување за користење на кредитната линија за период од 24 месеци можно е низ разговорите да се отвори прашањето вкупниот износ да биде повисок од 400 милиони евра, изјави Ставрески и додаде дека во секој случај кредитната линија ќе биде со износ од најмалку 400 милиони евра.
 
Толкав износ ММФ нуди за сите земји, а Македонија, истакна Ставерски, е првата на која и беше понудено врз основа на здравите и квалитетни економски политики кои ги води.
 
Според вицепремиерот Ставерски, каматата на првите 300 милиони евра од кредитот е 1,3 проценти, а во просек ако се искористи целиот износ би изнесувала 2 односно 2,1 процент. Со оглед дека станува збор за отворена кредитна линија, тврди тој, нема услов од ММФ за што би се трошеле парите. Би се користеле за поддршка за Буџетот односно да можат со сигурност да се извршат сите буџетски проекти.
 
– Тоа подразбира реализација и на амбиционите капитални проекти предвидени за следната година во износ 23 милијарди денари односно за 30 проценти повеќе во однос на годинава. Би помагнале и да се задоволат потребите на државата без да се повлекуваат средства од банкарскиот систем што значи повеќе средства да останат на стопанството, односно еден вид замена на задолжувањето во земјата со ова задолжување, рече Ставрески одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за проектот за модернизација на Управата за јавни приходи.
 
Официјалното прифаќање и одобрување на кредитот од ММФ, смета Ставрески, само ќе ги подобри условите и околностите за евентуално користење на еврообврзницата. Тоа, појасни тој, е силен сигнал дека ММФ стои зад Македонија односно зад квалитетот на македонските политики и оти на државава не и е нужно по секоја цена да издаде еврообрзница и има резервна варијанта.
 
– Кога инвеститорите го знаат тоа нормално е дека тоа ќе се рефлектира во пониска цена на еврообврзницата, што значи е само еден вид засилување на нашата позиција пред инвеститорите на пазарот доколку условите дозволат да се издаде еврообврзницата, рече Ставрeски.