Како директна мерка за поддршка на сите сопственици на патнички и товарни возила, се предвидува намалување на патарините за 20 отсто за возила од прва и втора категорија(патнички возила)и за 30 отсто за возила од трета и четврта категорија (патнички возила со приколка, џипови, комби, автобуси и товарни
Како директна мерка за поддршка на сите сопственици на патнички и товарни возила, се предвидува намалување на патарините за 20 отсто за возила од прва и втора категорија(патнички возила)и за 30 отсто за возила од трета и четврта категорија (патнички возила со приколка, џипови, комби, автобуси и товарни возила). Со мерките се предвидува користење на природниот гас за автомобили и негова достапност во малопродажба.
Од почетокот на 2007 година кога цената на суровата нафта (тип „брент“) на светскиот пазар изнесуваше 50 американски долари за барел, таа интензивно расте како последица на геополитичките тензии, слабеењето на вредноста на доларот и зголемената побарувачка во услови на стагнантна понуда. Само во последните 12 месеци од мај 2007 до мај 2008 година, цената на нафтата оствари пораст од 84,1 отсто. Растот продолжи со слично темпо и во јуни, при што на 25 јуни таа веќе достигна ниво од 136,5 американски долари. За да се ублажат негативните ефекти од порастот на цените на нафтата, владите преземаат разни мерки и инструменти. Анализирајќи ги состојбите на пазарот, мерките што ги преземаат други земји и буџетските можности, Владата на Република Македонија оваа недела излезе со пакет од 8 мерки за ублажување на последиците од порастот на цената на нафтата и нафтените деривати. Мерките првенствено се насочени кон поддршка на земјоделците, транспортерите, македонските фирми, корисниците на автомобили и сите граѓани што на директен или индиректен начин се погодени од енормниот пораст на цената на нафтата. За земјоделците што ја користат нафтата за сопствената механизација, со владините мерки се предвидуваат субвенции за нафта. Корисници ќе бидат сите евидентирани земјоделци (околу 70.000) кои пријавиле сопствено земјоделско производство. Субвенциите ќе бидат утврдени на единица обработлива површина, односно ќе зависат од големината на обработливата површина и проценетата потрошувачка на нафта за таа обработлива површина. Ваквата мерка е многу поедноставна и потранспарентна отколку евентуалното воведување зелена нафта, каде што контролата од злоупотреби е многу тешка.
Втората мерка е ослободување од обврската за плаќање акциза при увозот на автомобили на хибриден погон. Хибридните возила се автомобили што работат комбинирано на бензин и на струја, односно бензин и гас. Покрај намалената потрошувачка на бензин, овие возила се еколошки чисти поради намалената емисија на јаглероден диоксид, што е особено значајно во градските средини. Даночни олеснувања и пониски акцизи за хибридните возила постојат во Словенија, Велика Британија, Холандија, Германија, САД, Јапонија и други земји. За превозниците со владините мерки се предвидува намалување на вкупните трошоци за престој на терминал и вагање на транспортните возила, од сегашните 1.500-2.400 (зависно од видот на возилото) за 72 часовен престој на терминал, на само 600 денари вкупно за двете услуги (престој и вагање). Истовремено, ќе дојде до намалување на цените за користење на паркинг-просторот. Воедно, се предлага заедничко издавање сертификати за екостандарди, АТП-сертификат и други. Досега за добивање на секој од овие сертификати од автопревозниците се бараше да се изврши посебен технички преглед, со што се зголемуваа вкупните трошоци. Со измена на моделот ќе се овозможи добивање на овие сертификати преку спроведување еден технички преглед. За превозниците се предвидува и намалување на цената за регистрација преку измени на методот за пресметка на регистрација на камиони. Пресметката на овој надомест треба да се врши според тежината, односно носивоста на камионите, наместо според јачината на моторот како што е досега.
Како директна мерка за поддршка на сите сопственици на патнички и товарни возила, се предвидува намалување на патарините за 20 отсто за возила од прва и втора категорија (патнички возила) и за 30 отсто за возила од трета и четврта категорија (патнички возила со приколка, џипови, комби, автобуси и товарни возила). Со мерките се предвидува користење на природниот гас за автомобили и негова достапност во малопродажба. Природниот гас (ЦНГ) е високоеколошко евтино гориво независно од нафтата, чија главна состојка е метанот CH4 (за споредба гасот ЛПГ е нафтен дериват кој зависи од нејзината цена). Сегашната цена на природниот гас изнесува 21,9 денари за кубен метар. Во моментов, во Македонија, единствената станица за полнење природен гас се наоѓа во седиштето на ЈСП „Скопје“ и таа се користи само за полнење на автобусите на ЈСП. Со воведување на овој вид гориво, граѓаните и особено такси-превозниците ќе остварат значителни заштеди. Покрај намалената потрошувачка на нафтени деривати, користењето природен гас ќе придонесе за намалена емисија на јаглероден диоксид, што е особено значајно во градските средини. Во ЕУ природниот гас се продава во малопродажба во повеќе земји, а од земјите во регионот Словенија и Бугарија го користат во малопродажба, додека во Хрватска и во Србија се користи само за погони поради немањето соодветна регулатива. Во тек се измени во регулативата во овие две земји со цел да се овозможи малопродажба. Конечно, за намалување на трошоците за регистрација на сите моторни возила, се предвидува намалување на премијата за осигурување за 30 отсто, која како најголема ставка учествува во цената за регистрација на моторните возила. За побрзо имплементирање на оваа мерка, законските измени ќе се стават на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Порастот на цената на нафтата е светски феномен што владата секако не може да го спречи. Но таа може до извесна мера да ги ублажи негативните последици од тој пораст врз стопанството и сите граѓани. Со преземените осум мерки, Владата на Република Македонија води активна политика за ублажување на последиците од енормниот пораст на цената на нафтата, со позитивни ефекти за македонската економија, земјоделството, транспортниот сектор и сообраќајот, како и за сите граѓани на Република Македонија.
П.С. Во услови на економска криза, нафтени шокови и висока инфлација во светот, завчера Државниот завод за статистика објави одличен податок дека македонскиот БДП за првиот квартал од 2007 пораснал за 5,2 отсто! Вчера, во еден дневен весник осамна гротескен наслов: „БДП за првиот квартал со раст од 5,2 отсто, губи ли здив економијата?“. Брееееј…не им иде умот! Ова го слушаме од оние чиј дострел беше пораст на БДП од 3 отсто и кусур. Изгледа ни фабриката веќе не е тоа што беше, нешто ептен за’рѓало…
Зоран Ставрески