Кризата во Грција не е позитивен настан за македонската економија и не се очекуваат посериозни последици врз домашната економија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со шефот на Мисијата на ММФ Вес Мекгру и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
 
– Кризата во Грција секако не е позитивен настан за македонската економија, но од друга страна македонската економија многу умешно го надомести тоа што го загуби со грчката криза преку освојување нови пазари. Фактот дека извозот во првите четири месеци расте со стапка од 44 проценти истовремено кога се случува пад на извозот во Грција покажува дека тој проблем е надоместен, односно дека македонските компании се присутни на други пазари, рече министерот.
 
Тој додаде дека каналите преку кои може да се прелее таа криза се ограничени и истакна дека во иднина очекува да нема посериозни последици од грчката криза врз македонскта економија, иако, смета дека за сите би било добро таа криза да се разреши по еден нормален пат односно преку договор на Грција со приватните инвеститори за репрограмирање на нивниот долг и на тој начин да се смалат ризиците и тензиите.
 
И шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Мекгру смета дека директното влијание на кризата врз македонската економија не е толку големо. – Ова, додаде, не претставува позитивен настан во однос на некои инвестиции што ги имате, но вашите банки имаат стабилна состојба и не зависат од нивните филијали во Грција. Се надеваме дека оваа состојба ќе се стабилизира, но ризиците остануваат високи, додаде тој.
 
Според Богов и двете банки кои се во сопственост на грчки банки имаат одлична капитализираност. – И на Стопанска банка и Алфа банка капиталот постигнува 18 отсто што е повеќе од законскиот лимит од 8 отсто. Ликвидноста е одлична и не очекуваме никакви негативни ефекти, рече Богов и додаде дека и двете банки не се потпираат на ликвидноста од матичните банки, ниту пак имаат можност да изложуваат кон матичните банки поради законските рестрикции, изјави гувернерот.
 
Тој истакна дека кризата покрај преку банкарскиот сектор, потенцијало може да се прелее и преку надворешната трговија и преку странските директни инвестиции. За извозот истакна доколку се погледнат податоците покажуваат дека извозот кон Грција во последните три години се намалува, но оти ефектите од тоа не се чувствуваат во вкупниот извоз кој расте со стапка од 40 отсто.
 
За странските директни инвестиции посочи дека Грција во последните 3-4 години не е еден од најголемите странски инвеститори и оти други земји имаат доминатно учество, а во првите три месеци странските директни инвестиции се прилично високи и достигнаа 204 милиони евра.(МИА)