17 мај 2019 година – Физичките лица кои се регистрирани како ДДВ обврзници наместо за пет години ќе им се даде можност да се одјават од системот на УЈП за 2 години доколку во овој период оствариле промет помалку од еден милион денари годишно. Услов е за истиот тој период да не е користено правото на одбивка на претходен данок. Ова е предвидено со предлог измените на Законот за данокот на додадена вредност. Предлог измените денеска на собраниска седница ги образложи заменик министерката Ширет Елези.
Воедно со предлог измените се врши и допрецизирање и дополнување на ослободувањата без право на одбивка на претходен данок во делот на образовните услуги. Со измените, образовната дејност природно се надополнува со научната дејност.
Измени се предвидуваат и во делот на лековите за ветеринарна медицина.
– Лековите за ветеринарна медицина, според постојните законски одредби, се предмет на оданочување со општата стапка на ДДВ од 18%. Имајќи го во предвид значењето на ветеринарната дејност за здравствената заштита на животните и нејзината улога за подобрен ефект врз здравјето на животните, а понатаму и луѓето, се предлага лековите за ветеринарна медицина да се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%, вели Елези.
Со предложените измени се предвидува и можност за враќањето на данокот на додадена вредност на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата, со што едновремено се врши усогласување со Виенската конвенција за дипломатски односи.