Би сакал да Ве информирам дека на денешната седница, Владата на Република Македонија го донесе Предлог Буџетот за 2017 година и истиот во текот на наредниот ден ќе го достави до Собранието. Предлог Буџетот за 2017 година е развоен со рекордно ниво на капитални инвестиции, повисоки за дури 20% во споредба со оваа година.

Во однос на Макроекономски проекции би го истакнал следново:

Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3% следната година. Сметам дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот – кои ќе влијаат на успорување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба – односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори. Растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, кој се предвидува да забележи реален раст од 6%. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7%, со што нето-извозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст. Бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5%. Приватната потрошувачка очекуваме да се зголеми за 2,1%, а јавната потрошувачка за околу 1,3%. Стапката на инфлација во 2017 година ќе остане ниска ниска на ниво од 1%. Вработеноста очекуваме да се зголеми за 1,8%. Просечната бруто плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8%.

Во рамки на Фискалните проекции:

– Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2017 година се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6% повеќе во однос на 2016 година. Вкупните даночни приходи се очекува да забележат раст од 9,5% во однос на 2016 година, од кои персоналниот данок треба да оствари раст од 9,3%, данокот на добивка од 16,1%, ДДВ раст за 10%, акцизата за 12,7% и царината за 2,5% во однос на 2016 година.

– Вкупните расходи се планирани на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5% повеќе во однос на годинава. Од нив за тековни расходи се планирани 179,26 милијарди денари или раст од 2,4% во однос на 2016 година. Во рамки на тековните расходи се планирани 26,77 милијарди денари за плати. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во истите е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5% почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 555 милиони денари. За здравствена заштита се планирани средства во износ од 26,4 милијарди денари. Предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата за социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 7,8 милијарди денари.

– Капиталните инвестиции се планирани на рекорден износ од 26,95 милијарди денари и имаат приоритетно значење во креирањето на фискалната политика, подобрувањето на економските перформанси и квалитетот на живот на граѓаните.

Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на  автопатот на Коридор X и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина  и правосудството. Во текот на 2017 година планирано е:

  • Капитални расходи за патната и железничка инфраструктура во износ од 4,43 милијарди денари. Во овие рамки предвидена е реализација на Проектот за изградба на автопатот на Коридор X, на делницата Демир Капија – Смоквица, со кој се предвидува во 2017  година да се заврши изградбата на нова модерна автопатска делница со што ќе се комплетира главната делница на Коридор X. За модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X. Во текот на 2017 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор VIII-делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР.
  • Предвидено е вложување во енергетската и комунална инфраструктура за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 3,48 милијарди денари. Предвидено е продолжување на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем. Со интензивирана динамика ќе продолжи и изградбата на водоводните и канализационите системи во општините
  • За Уредување на технолошко индустриските зони за 2017 година планирани се 246 милиони денари.
  • За здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1,1 милијарда денари. Тука се передвидени средства за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, за набавка на медицинска опрема, како и за довршување на изградбата на ПЕТ Центарот. Во 2017 година ќе започне имплементацијата на Проектот за изградба, реконструкција и доградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и ќе продолжи имплементацијата на Регионалната Клиничка болница во Штип
  • За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капиталните инвестиции во износ од 3,25 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите, набавка на современа лабараториска опрема и инвестиции во спортска инфраструктура итн.
  • Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,22 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, нивно преструктуирање и надградба со цел побрзо исполнување на стандардите на ЕУ. Исто така, ќе започне и изградбата на системите за наводнување во Валандовскиот регион кој се финансираат со заем од КфВ преку втората фаза на Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар.
  • Во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи, во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливи групи

Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии, односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3% од БДП, или во апсолутен износ од 18,6 милијарди денари. Ова е согласно определбата за постепено намалување на јавната потрошувачка, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции кои ќе имаат соодветен придонес за повисоки стапки на економски раст. Планираните расходи за 2017 година обезбедуваат поддршка на домашната економија и животниот стандард, која ќе се реализира преку капитални инвестиции, субвенции, пензии и социјалните надоместоци.

Comments are closed.