7 август 2018, Скопје – На аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 2,3 милијарди денари (36,6 милиони евра), од кои утре ќе се вратат 2 милијарди денари (31,8 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност. Со ова, нето задолжувањето од оваа аукција изнесува 296,1 милиони денари (4,8 милиони евра).

На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 670 милиони денари со камата од 1,00%, 3-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 180 милиони денари со камата од 1,60%, 5-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 500 милиони денари со камата од 2,00%, 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 550 милиони денари со камата од 3,50% и 15-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 350 милиони денари со камата од 3,00%.

Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат се 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 2 милијарди денари со камата од 1,85%.

Во текот на месец август по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 2,4 милијарди денари или 38,4 милиони евра.

Comments are closed.