Скопје, 22 октомври 2011 (МИА) – Сојузот на стопански комори на Македонија ССК го поздравува напредокот што го оствари земјава во последниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка, особено делот за градежниот сектор во кој е остварен најголем напредок во однос на градежните дозволи.

 

Извештајот, беше тема на разговор на денешната работна средба на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со претставниците на Градежната комора при Сојузот на стопански комори (ССК).

 

Претседателот на Градежната комора при ССК Сеад Кочан, заблагодарувајќи им се на министрите за вклучувањето во анализите на ССК за Извештајот „Дуинг бизнис“, рече дека се горди за постигнатиот напредок во градежништвото. – Заеднички став на членките на ССК е дека добиваме чувство на гордост што Македонија се наоѓа на високопозиционирано место  во делот на економијата во Извештајот, а особено во градежниот сектор, изјави Кочан по завршувањето на состанокот.

 

Претседателот на ССК Златко Калеников посочи дека напредокот во Извештајот „Дуинг бизнис“ е постигнат со заедничката соработка меѓу Владата, бизнис секторот и коморите.

 

– Како ССК имаме добра соработка со Владата и нашите предлози се имплементираат. Извештајот има големо значење за земјава за странските инвеститори кои се раководат по него, но како реален сектор и  за нас е многу важно да се осетат промените, рече Калеников.

 

Вицепремиерот Ставрески рече дека напредокот што го бележи земјава во Извештајот го смета како успех за целата држава, а не само за Владата.

 

– Без заеднички напори и ангажмани со коморите и бизнис заедницата немаше да стигнеме онаму каде што сме. Дојдовме да им се заблагодариме на ССК и на Градежната комора во нивини рамки за извонредната соработка и големиот придонес што го дадоа во дизјанирањето на реформите во делот на градежните дозволи, но и во делот на вкупните реформи во земјава со кои во изминатиот период го заслуживме третото  место во светот според „Дуинг бизнис“, изјави Ставрески.

 

Тој посочи дека на средбата се разговарало како во иднина да продолжат реформите.

 

– Комората побара од нас да се продолжи со подобрувањето на бизнис климата посебно во делот на градежните дозволи, со високиот износ на капиталните инвестиции во Буџетот особено за инфраструктурни проекти, како и да почне реализацијата на крупни стратешки проекти битни за конкурентноста на економијата. Ветивме дека во следната година ќе имаме нови реформи во делот на градежните дозволи преку нивно електронско доделување, повеќе пари во Буџетот за инфраструктурни проекти, како и средства за започнување на рекнструкцијата и доизградбата на пругата на Коридорот 8 кон Бугарија и за проектот „Купи куќа, купи стан“ што е значаен за градежниот сектор, прецизира Ставрески.

 

Министерот за транспорт и врски истакна дека Македонија веќе се наоѓа во првите 30 земји топ реформатори во светот според Извештајот „Дуинг бизнис“.

 

– Македонија е трет по ред реформатор во светот, но е прва во светот по реформи во делот на одобрението за градење. Тоа претставува валоризација на трудот на сите членови на Владата кои напорно работеа за подобрување на бизнис климата во земјава, рече министерот Јанакиески. Тој прецизира дека Македонија во делот на одобрението за градење има скок од 86 места и сега се наоѓа на 61. место.

 

– Со членовите на ССК разговаравме како заедно ова 61. место наредната година да стане 30. или 40. место, односно земјава повторно да има раст. Во соработка со коморите, градежните компании и ЗЕЛС наредната година ќе го имплементираме електронското одобрение за градење што се надевам дека ќе го валоризира Светската банка и повторно ќе бележиме раст на ова поле, рече министерот Јанакиески.

 

Според Мирче Чекреџи од ССК, се добива чувство на привилегираност да се живее во земја која е на 22-ро место според условите за водење бизнис.

 

– Ретко во која област Македонија е на слично место. Тоа е резултат на соработката на Владата со бизнис заедницата и особено со ССК, нагласи Чекреџи.

 

  

Comments are closed.