Политичката криза мора да има завршница бидејќи и наjјаката економија на светот не може да издржи долгогодишна криза. Вистинска штета е што добро поставените економски политики не можат да резултираат со економскиот раст, кој Македонија има потенцијал да го оствари. Македонската економија во моментов има потенцијал да расте со стапка од 4 до 5 проценти, вели министерот за финансии, Зоран Ставрески во разговор за ТВ Нова.

„Во нормални политички околности, со нормален политички амбиент, без политичка криза, Македонија во моментов има потенцијал да расте меѓу 4 и 5 проценти, и тоа во период кога останатите земји растат околу 1 процент, а некаде во Европа и под 1 процент. Република Македонија покажа дека може да остварува резултати, и тоа во услови кога во останатите земји се намалуваше стапката на раст, беше негативна или ниска, Македонија остваруваше стапка на раст од 3 до 3,5 проценти. Кога во другите земји се зголемуваше невработеноста, во Република Македонија таа се намали. Извозот растеше и сѐ уште расте и добро е тоа што странските компании ја разбираат оваа ситуација“, изјави министерот Ставрески.

Македонија дефинитивно има потенцијал за економски раст, кој е највисок во регионот. Според проценките на меѓународните финансиски институции, тој раст ќе се движи околу 4% во 2016-17 година, а во 2018 година може да биде уште повисок.

„Ако економските политики во континуитет се применуваат, сето ова ќе помогнеше да се намали невработеноста на околу 22%, како што и беше планирано. Ние имаме сила за тоа, имаме и проекти кои помогнаа во таа насока, како што беше и ,Македонија вработува‘“, вели Ставрески. Според него, овој добар тренд не смее да прекине и не смее да се дозволи политичкиот амбиент да го наруши до таа мера Македонија да го изгуби имиџот на земја со добар бизнис амбиент. Потенцира, „како и сѐ во животот, ако еднаш се изгуби тој имиџ, потоа тешко може да се врати, па така и ако се разочараат странските инвеститори од политичкиот амбиент, тешко ќе се вратат во земјава“.

Компаниите, исто како и граѓаните, со загриженост гледаат на последните случувања на политичката сцена. Според министерот за финансии, „домашните компании изминатиов период покажаа дека можат да се прилагодат на латентните состојби што се случуваат на политички план, не само во земјава туку и во регионот. Но, малите фирми се оние што најмногу страдаат, бидејќи секогаш потешко стигнуваат до финансиски средства, дури и во нормални услови. Затоа е штета што добро поставените економски политики не можат целосно да резултираат со економскиот раст којшто Македонија има потенцијал да го оствари’.

Одлично поставените економски политики даваат позитивни резултати

Добриот економски амбиент кој Владата го креираше долги години наназад придонесе Македонија добро да ја помине кризата во 2015 година, и покрај нејзината жестокост, изјави за ТВ Нова министерот за финансии Зоран Ставрески.

„Работите беа добро поставени, и токму затоа, и покрај жестокоста на политичката криза, 2015 година ја поминавме добро, како и влезот во 2016 година. Но, треба да ги раздвоиме фактите и очекувањата. Фактите се дека политичката криза почна во 2015 година, меѓутоа можеби и претходно, и во претходните години, имаше латентна криза. Македонската економија добро ја издржа, што се гледа од растот што го остваривме од 3,7%, кој е највисокиот во регионот. Се покажа дека фундаментите на македонската економија се добро поставени, главните економски политики се во корист на приватниот сектор. Тоа се одржувањето добар бизнис амбиент, меѓу најдобрите во светот, ниските даноци, високите износи на капитални инвестиции, поддршката преку кредитни средства, координираноста меѓу монетарната и фискалната политика и мерките како што се проектот ,Македонија вработува‘ и слични, коишто им помогнаа на домашните фирми или, пак, привлекувањето на странските инвестиции, како посебна политика која донесе голем број странски инвеститори“, изјави Ставрески.

Тој појасни дека, во првите два месеца од 2016 година индустриското производство оствари просечен раст од над 11%, во февруари тој бил 15%, поточно највисок во последните години.

„Извозот расте со стапка од 7%, а има и други добри параметри како во делот на трговијата, потоа во делот на градежништвото и слично. Невработеноста, да не ја заборавиме, како резултат на сите овие мерки е намалена од 38% на 24,6%. Сето тоа зборува дека општите економски политики се добро поставени и приватниот сектор, на база на тие економски политики, остваруваше добри економски резултати, но исто така тоа се факти. Меѓутоа ако зборуваме за тоа што може да се случи од сега натака, несомнено дека не постои економија која може да издржи долгогодишна политичка криза, посебно жестока политичка криза и дека политичката криза врши силен притисок врз економијата“, вели Ставрески.

Избори за враќање на стабилноста на економијата

Значајно е политичката криза да заврши, да има епилог, преку дијалог да се дојде до завршување на кризата, со изборите што се предвидени на 5 јуни, смета министерот за финансии Ставрески.

„Мора да се дојде до извесна стабилна состојба која ќе им овозможи на компаниите предвидливост за следните 4 години, да се знае какви ќе бидат политиките во следните 4 години, какви даноци ќе има, каков бизнис амбиент ќе има и сѐ друго што им е потребно за да можат да почнат да планираат. Да ги планираат инвестициите и одлуките за вработување. Кризата мора да има завршница, бидејќи ни најјаката економија не може да издржи долгогодишна криза“, смета Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.