22 декември 2017, Скопје – Предлог-буџет за 2018 година денеска е на дневен ред пред пратениците на пленарна седница. Во дополнетиот предлог се вградените шест амандмани прифатени во расправата во прво читање во собраниските комисии и амандмани од страна на Владата со кои се направени зголемувања на финансиските средства за гасификација од 120 милиони денари, на блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари. Во продолжение е експозето на министерот за финансии Драган Тевдовски.
Почитуван Претседател на Собранието господин Талат Џафери,
Почитувани пратеници,
Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.
Предлог-Буџетот ја покажува нашата цврста определба за ефикасно, домаќинско и транспарентно трошење на државните пари. Како што може јасно да се види од нашиот предлог, народните пари ќе се трошат на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти. Во Предлог-Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството: повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.
Почитувани пратеници,
Пред да прејдам на елаборирање на Предлог-Буџетот за 2018 година, би сакал да дадам краток осврт на економската активност и фискалните движења од оваа година, односно условите во кои е креиран Предлог-Буџетот.
Активноста на домашната економија во првото полугодие од 2017 година беше под влијание на политичка неизвесност во земјата, што се одрази најмногу врз инвестициската активност. Поточно, економската активност во првото полугодие е намалена за 0,7%. Сепак, во третиот квартал растот на БДП изнесува 0,2% на годишна основа (односно 4,6% во однос на вториот квартал од 2017 година). Ова е јасен знак дека е започнато закрепнувањето на економската активност, во добар дел и како резултат на политичката стабилизација.
Со оглед на падот на реалниот БДП во првата половина на 2017 година, како и најновите податоци и оценки кои укажуваат на закрепнување на економската активност, проекцијата за економскиот раст во 2017 година изнесува 1,6%, што е во линија со последните оценки на повеќето меѓународни институции. Ова претставува надолна корекција во однос на очекуваниот раст со ребалансот од 2,2%. Притоа, сакам да истакнам дека со ревидирањето на БДП за тековната година при предлагање на буџетот за наредната година, што досега не беше пракса, ја потврдуваме нашата определба за реалистични макроекономски проекции како најсоодветен инпут за реалистични фискални проекции и одговорна фискална политика.
Почитувани пратеници,
Заклучно со ноември 2017 година, реализацијата на приходите и приливите на Буџетот на Република Македонија е генерално во рамките на очекувањата, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.
Во периодот јануари – ноември 2017 година, вкупните приходи се реализирани во износ од 160,7 милијарди денари или 87%, односно истите се повисоки за 4,6% во однос на наплатените во истиот период од претходната година. Расходите во овој период се реализираа во износ од 173,9 милијарди денари или околу 85,5%, односно истите се за 6,6 милијарди денари или 3,9% повисоки во однос на истиот период минатата година. Во периодот јануари-ноември 2017 година, остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 13,2 милијарди денари што е за 446 милиони денари или 3,3% помалку од соодветниот дефицит во 2016 година. Државниот долг на Република Македонија на 30.9.2017 година изнесува 3,9 милијарди евра, односно 37,8% од БДП, додека јавниот долг на 30.9.2017 година изнесува 4,7 милијарди евра, односно 45,8% од БДП.
Предлог-Буџетот за 2018 базира на следните очекувања за макроекономските движења
Во 2018 година домашната економија се очекува дополнително да заздрави од негативните влијанија на политичката неизвесност во земјата во првата половина од 2017 година. Политичката стабилност и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со ниската и стабилна инфлација, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Понатаму, континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери ќе придонесат за зголемување на извозот.
Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка наредната година, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, проекцијата за реалниот економскиот раст во 2018 година изнесува 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (Светска банка, ММФ, НБРМ), односно претставува уште еден доказ за реалистичноста на нашите претпоставки во Буџетот. Притоа, номиналниот раст на БДП во 2018 година е проектиран на 5,3%.
Приватната потрошувачка се предвидува да биде значаен двигател на економскиот раст, и се очекува во 2018 година таа да забележи раст од 2,8% на реална основа. Проекцијата за реалниот раст на јавната потрошувачка во 2018 година изнесува 1,3%, додека бруто-инвестициите во 2018 година ќе бидат повисоки за 3,6% на реална основа.
Во 2018 година извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од 7,5%, додека увозот се очекува да забележи реален раст од 6%. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок, во износ од 2,2% од проектираниот БДП. Предвидените движења во платниот биланс ќе резултираат со задржување на девизните резерви на адекватно ниво. Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се задржи и во 2018 година, во функција на одржување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика.
Стапката на инфлација во 2018 година се очекува да биде релативно ниска и да изнесува 1,7%, при што динамиката на инфлацијата ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи.
Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2018 година изнесува 1,9%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 21,5%. Просечниот раст на бруто-платата во 2018 година се очекува да изнесува 4,0% на номинална основа.
Почитувани пратеници,
Би сакал сега подетално да се задржам повеќе на содржината на самиот Предлог-буџет за 2018 година и политиките кои се вградени во истиот.
Како резултат на повеќемесечен буџетски процес и континуирана комуникација со ресорните институции за стратешките планови и политики за наредната година, составен е Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2018 година. При негово составување земени се предвид движењата во македонската економија и реализацијата на буџетот во тековната година, како и очекувањата за економските движења во 2018 година.
Буџетот на Република Македонија за 2018 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите кои се во насока на постигнување на стабилен економски раст, подобар живот за граѓаните како и повисоко ниво на социјална правда. Истовремено, тој е одраз на определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.
Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2018 година се планирани на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари во абсолутен износ, односно 2,7% од БДП. Ова претставува намалување на дефицитот (од 2,9% во 2017 година), што најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда. Ние сме цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2018 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната година, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на ефектите од корекција на одредени јавни давачки. Притоа, проектираниот раст на буџетските приходи од 4,7% е помал од растот на номиналниот БДП од 5,3%, што е уште еден доказ дека макроекономските и фискалните проекции во Предлог-Буџетот се реалистични. Поточно, со овој релативно конзервативен пристап во проекциите сакаме да избегнеме повторување на некои минати проблеми со ликвидноста на плаќањата од Трезорот или со остварувања на повисок дефицит од планираниот.
Даночните приходи за 2018 година се планирани во износ од 114,8 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект кај приходите од акцизи од околу 1,6 милијарди денари и на приходите од ДДВ за околу 350 милиони денари по основ на зголемувањето на акцизата на нафта за 3 денари. Притоа, ефектите од оваа мерка се неколкукратни: зголемување на буџетските приходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на Европската Унија, како и заштита на животната средина односно намалување на загадувањето (преку дестимулација на користење на дизелот како релативно нееколошко гориво).
Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 55,4 милијарди денари, со задржување на постојните задолжителни стапки за социјално осигурување и зголемување на максималната основица за пресметување и уплата на придонесите од 12 на 16 просечни плати за примања од работен однос и извршни одбори, односно од 8 на 12 просечни плати за самовработените.
Вкупните расходи во Буџетот за 2018 година, планирани во износ од 211,7 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија и интензивирање на инфраструктурните проекти, како и делумно враќање на стари наталожени долгови.
Тековните расходи за 2018 година се планирани во износ од 187,6 милијарди денари, наменети за редовно финанасирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии и социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.
Во овие рамки:
- Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 27,1 милијарди денари. Во рамки на овие средства обезбедено е покачување на платите за 10% за сите припадници на армискиот состав од јануари 2018 година.
- Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми. Во текот на 2018 година ќе продолжи примената на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи. Поточно, износот од 17,6 милијарди за “стоки и услуги” е за 108 милиони денари понизок од 2017 година (0,6%). Притоа, доколку се исклучи зголемувањето на материјалните трошоци во Министерство за одбрана (за приближување кон НАТО стандарди), намалувањето на сите останати „стоки и услуги„ изнесува 523 милиони денари.
- Тековните трансфери и субвенции планирани во 2018 година се планирани на ниво од 134,2 милијарди денари, и се однесуваат на:
- Социјални трансфери, проектирани на износ од 98,8 милијарди денари, и тоа:
- 54 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, со вклучено редовно законско усогласување.
- За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 950 милиони денари.
- За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 988 милиони денари. Овие средства ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица – младинска гаранција. Ова претставува историски највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.
- За здравствена заштита се планирани средства во износ од 28,3 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2017 година за 1,2 милијарда денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавните здравствени установи за 5% почнувајќи од исплатата на септемвриската плата во 2018 година.
- Во Буџетот предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата од социјална заштита во вкупен износ од 8 милијарди денари, како и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари согласно актуелното законското решение. Со оглед на веќе видливите успешни ефекти на овој проект (годишен раст на платите од 4,7% во септември, највисок во последните речиси 7 години), цврсто веруваме дека ова претставува еден од најдобрите проекти на новата Влада.
- Субвенциите во земјоделството, како и значителниот износ на средствата од ИПАРД програмата, ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на производството и извозот на македонските земјоделски производи.
- За вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата планирани се 1,2 милијарди денари.
- За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерките за нови гринфилд инвестиции, мерките за поддршка на извозот, поддршката на малите и средните претпријатија, како и иновативната дејност планирани се средства во износ од 1,1 милијардa денари.
- Предвидени се трансфери до ЕЛС во износ од 18,1 милијарди денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ. Во однос на 2017 година, овие средства се зголемени за 1,1 милијарда денари, од кои 140 милиони денари по основ на ДДВ дотација, додека за 953 милиони денари е зголемена блок дотацијата. Во овие рамки се обезбедени средства за зголемување на платите за вработените во основно и средно образование и детските градинки за 5% почнувајќи од септемвриската плата во 2018 година, како и за материјални трошоци за делегираните надлежности на општините.
- Социјални трансфери, проектирани на износ од 98,8 милијарди денари, и тоа:
За капиталните инвестиции издвојуваме значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од 24,1 милијарда денари, односно повисоки за 3,2% од 2017 година. Во 2018 година планирано е инвестирање во повеќе области и тоа за: интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор X и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Поконкретно, во текот на 2018 година, меѓу другото планирани се:
- Капитални расходи за патната и железничка инфраструктура во износ од 3,6 милијарди денари.
- Вложување во енергетската и комунална инфраструктура, за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 5,9 милијарди денари. Во текот на 2018 особено внимание ќе се посвети на забрзување на процесот на гасификација на земјата, со цел постепено поголемо користење на извор на енергија кој е поефтин и помалку штетен за животната средина.
- Уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи, за која намена планирани се 441 милиони денари.
- За здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1,9 милијарди денари.
- За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,4 милијарди денари.
- Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,6 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
- Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 552 милиони денари.
Почитувани пратеници,
Проектираниот буџетски дефицит за 2018 година изнесува 18,2 милијарди денари, односно 2,7% од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, односно чесно, одговорно и домаќинско располагање со народните пари. Притоа, покрај покривање на дефицитот, во 2018 година ќе бидат потребни и 22,7 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 40,9 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница или преку повлекување на средства од поволни странски кредити. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал. Понатаму, со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.
Сумарно, нето-задолжувањето (односно разликата меѓу ново задолжување и отплата на стари долгови) во 2018 година изнесува 29,9 милијарди денари (5,5 милијарди денари нето-домашно задолжување и 24,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со ова, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 11,6 милијарди денари како депозит. Моментот на акумулирање на депозити на сметка е особено битен, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која гледа подалеку отколку само краткиот рок. Поточно, државата треба да биде подготвена за враќање на исклучително големите и скапи кредити кои беа земени претходно, а кои треба да се вратат наредните години. Особено значајно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 925 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и еврообврзница од 270 милиони евра издадена во 2015 година), плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.
Почитувани пратеници,
Денеска на дневен ред во Собранието е Дополнетиот Предлог-Буџет за 2018 година, кој е еден од најзначајните акти за било која влада и држава. Затоа Ве повикувам одговорно и сериозно да пристапиме кон овој процес и да развиеме дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување.
Ви благодарам за вниманието и Ви посакувам конструктивна дебата.