Ставрески во Вашингтон лобира за натамошна поддршка на Македонија од Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и САД
Глас на Америка на македонски: Според вашите изјави, глобалната финансиска криза и конкретните можности за зголемување на помошта за Македонија во енергетскиот и инфраструктурниот сектор биле главни теми на синоќешните средби со првите лица на Светската банка и Меѓународниот монетарен Фонд. За што, конкретно стана збор?
Зоран Ставрески: Двете главни теми што ги отворивме со првите луѓе на Светска банка и ММФ беа реакцијата на глобалната и финансиска криза во светот и поддршката што ММФ и Светска банка и во иднина ќе ја даваат на Македонија. Јас ја искористив мојата функција како претседавач на Годишното собрание на овие две институции да ја истакнам потребата Македонија и натаму да добива поддршка од нив во подобрување на бизнис-климата и посебно во инфраструктурата. Разговаравме прелиминарно за уште поголема поддршка од она што досега го добиваме, посебно во делот на енергетскиот сектор и останатата структура.
Што се однесува до глобалната финансиска криза, факт е дека се работи за криза на доверба, која е и најтешка за решавање. Се согласивме со претседателот на СБ Роберт Зелик и директорот на ММФ Доминик Штраус-Кан дека е потребна координирана акција, дека треба владите заеднички да учествуваат, како што тоа го направи Европската унија. Треба да учествуваат ММФ и СБ и треба да се дадат посебни мерки на поддршка за посиромашните земји и за земјите во развој, со цел да ја избегнат подлабоката криза, односно последиците од оваа криза во развиениот свет да не бидат толку пренесени врз земјите во развој.
Глас на Америка на македонски: Вие сте претседавач на Годишното Собрание на СБ и ММФ. Што значи тоа за Македонија?
Зоран Ставрески: Мислам дека во основа значи големо признание за реформите што Македонија ги прави. И` се дава посебно светло на Македонија, повисок профил на земјата. За подобрување на имиџот на земјата е добро што сите во основа знаат дека Македонија – како една мала земја – доби ретка можност оваа година да претседава со Годишното собрание на ММФ и Светска банка. Се разбира, јас ја користам таа можност да им објаснам на сите дека во Македонија се случуваат позитивни работи и дека Македонија е на патот на добивање на членство во ЕУ и НАТО – со сите политички и други околности што се однесуваат на овие прашања – но, дека и на економски план посебно се случуваат позитивни работи – поголем економски раст, и слично. Сето тоа е една можност пред стотици познати банкари, финансиери, инвеститори и политички влијателни луѓе да се зборува во позитивно светло за Македонија, и тоа е она што Македонија го добива.
Глас на Америка на македонски: Кои беа акцентите од средбата со специјалниот помошник за национална безбедност на американскиот претседател, Џудит Енсли и со заменикот помошник-државен секретар на САД, Стјуарт Џонс?