Македонија и Косово потпишаа Договор за одбегнување на двојното оданочување и заштита од фискална евазија. Од македонска страна договорот го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а од косовска министерот за финансии Бедрик Хамза.

&nbsp

Потпишувањето на Договорот, јави известувачот на МИА, овозможува граѓаните на двете држави да не плаќаат двапати данок на доход и данок на капитално остварените приходи.

&nbsp

Според двајцата министри, Договорот треба да ги зголеми инвестициите, да ја зголеми трговската размена, да ги унапреди односите меѓу двете земји и да ја подобри бизнис-климата.

&nbsp

– Во иднина фирмите од Македонија и Косово нема да бидат двојно оданочени. Тоа е голема придобивка за бизнисите и за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Косово, изјави Ставрески по потпишувањето на Договорот.

&nbsp

Тој додаде дека Македонија и Косово се не само два соседа, туку и две пријателски земји и оти пријателството треба да се надоградува токму преку зближување на бизнисмените и нудењето нови можности за развој на бизнисите што се прави токму со денеска потпишаниот Договор.

&nbsp

Ставрески рече дека улогата на политичарите е да ги креираат економските политики со кои ќе се создаваат подобри услови за бизнисот и истакна дека и натаму ќе се продолжи во наредниот период на унапредување на соработката меѓу двете земји. Наскоро, како што информира, треба да се потпише договорот за заштита на инвестициите, а ќе се работи и на подобрување на инфраструктурата, отворање гранични премини, како и докомплетирање на реконструкцијата на граничниот премин Блаце кој треба да заврши до септември годинава.

&nbsp

– Една по една работите во мозаикот ги ставаме каде што треба се со цел да се комплетира и да се направи бизнис амбиент кој ќе биде поволен за стопанствениците од двете земји, изјави Ставрески, додавајќи дека бизнисмените се оние кои отвораат работни места и кои инвестираат и ќе придонесат кон намалување на невработеноста.

&nbsp

Ставрески потенцира дека ова било долгогодишно барање на бизнисмените од двете земји и дека треба да придонесе во наредните три години трипати да се зголеми трговската размена и да достигне една милијарда евра.

&nbsp

Косовскиот министер го оцени Договорот како многу значаен истакнувајќи дека нема да има негативни импликации врз буџетот, туку напротив поради зголемените инвестиции и размена ќе се зголемат и приходите.

&nbsp

– Целта е да ги унапредиме односите меѓу двете земји кои се две соседни и пријателски земји и да продолжиме и во иднина да ја унапредуваме соработката, рече Хамза.
Според него, потпишувањето на денешниот Договор е продолжување на потпишување на повеќето договори меѓу двете земји. Пред два месеци е потпишан Договорот за царинска соработка, а наскоро се планира да се потпише и договор за заштита на инвестициите.

&nbsp

Договорот, како што рече косовскиот министер, ќе придонесе кон снижување на трошоците на бизнисите, зголемен проток на луѓе и стоки и зголемување на трговската размена.

&nbsp

Размената меѓу Македонија и Косово во последните години бележи раст. Лани извозот на стоки од Македонија во Косово изнесува 331,7 милиони евра. Македонија на Косово може да понуди поголем обем на производи како градежни, овошје и зеленчук, тутун, вино и разни текстилни производи.

&nbsp

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со тоа Македонија со кои други земји треба да потпише вакви договори, министерот Ставрески рече дека текст на договор е доставен до Грција, но оти нема одговор од таму.

&nbsp

– Македонија има понудено ваков договор до Грција. И покрај неколкукратните напори да добиеме одговор, одговор се уште не е добиен. Ние остануваме отворени во тој дел и сакаме бизнисите од двете земји да соработуваат во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните, за нови работни места и инвестиции. Политиката е политика, но економијата е таа која го подобрува животниот стандард и ќе направиме се да се потпише тој договор, изјави министерот Ставрески.

&nbsp

Тој додаде дека од значајните партнери на Република Македонија за потпишување ваков договор е доставен и до САД и оти во зависност од нивните ингеренции и можности се очекува да дојде до негово потпишување.(МИА)

Comments are closed.