Вашингтон, 10 октомври 2010 (МИА) – Со најмалку 150 милиони евра Светската банка во наредните три години ќе поддржува проекти од областа на енергетиката во Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по средбата со потпретседателот на СБ за Источна Европа и Централна Азија Филип Леру и со директорката за Македонија Џејн Армитаџ во Вашингтон, јави известувачот на МИА.
– Она што денеска го договоривме е во првата година да се финансираат проекти во енергетиката, а тоа е далеководот од Штип до Ниш и да има буџетска подршка за Македонија, што е одраз на тоа дека СБ ги оценува за добри поликтиките што ги водиме. Ќе има и еден мал проект за осигурување од климатски промени, поплави и слично, а што досега претставуваше проблем кога стануваше збор за осигурување на земјоделците. СБ има нов проект, односно дизајнирано нов инструмент кој што ќе помогне да се постигне да се осигураат имотите, рече Ставрески кој ја предводи македонската делегација на Годишното собрание на ММФ и на СБ во Вашингтон.
Тој додаде дека за следниот период се очекува да се подготви и проектот за изградба на Луково Поле, повторно во областа на енергетиката.
– Од наша страна беше побарано и СБ одговори позитивно да се забрзаат и да се зголемат проектите во енерегитиката, бидејќи тоа е една од клучните области за Македонија и за развојот на земјата, и задоволен сум што од Банката добивме потврда дека ќе усчествува во овие проекти заедно со Владата на Република Македонија, рече Ставрески.
Според вицепремиерот задолжен за економија Владимир Пешевски покрај проекти од областа на енергетиката, СБ преку Меѓународната финансиска корпорација ќе поддржи проект за изработка на пилот студија за зелен одржлив развој на Македонија, со што Македонија ќе биде прва држава во регионот која што ќе прави ваква студија.
– Светска банка поради посветеноста на Македонија и на Владата кон овие проекти одлучи токму во Македонија да се прави овој проект така што ќе бидеме лидери во тој дел, посочи Пешевски.
На разговорите со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), која вели, изминатата година значително го зајакна своето присуство со советодавна улога во Македонија за голем број проекти, најавено е и нивно поголемо инвестирање во приватниот сектор.
– Очекуваме во следната година да има три до четири нови проекти одобрено од страна на ИФЦ, насочени не кон поддршка на државата, туку кон приватниот сектор, што се разбира ќе биде голем мотор за развојот на Македонија, рече Пешевски.
Македонската делегација во Вашингтон денеска имаше средба и со заменик извршниот директор на ММФ Најуки Шинонара, а ќе следат разговорите со Руд Треферс извршен директор на Светска банка.
Вицепремиерот Ставрески вчера во Вашингтон имаше средби со извршниот директор на ММФ Ејџ Бакер и со Рафаел Аломар претседател на Управниот одбор на Банката при Советот на Европа.
Дводневниот состанок на СБ и ММФ на кој присуствуваат околу 10.000 претставници од централните банки, министри за финансии, извршни директори од приватниот сектор и експерти од 187 земји членки завршува денеска.