9 март 2017 Скопје – Министерот за финансии Кирил Миноски оствари средби со претставници на Светската банка и Европската комисија по повод реализацијата на тековни проекти и Програмата за економски развој.

Миноски имаше состанок со директорот на Светска банка за Македонија Марко Мантованели, на која беше разгледувана реализацијата на тековните проекти во земјава поддржани од Светска банка. Станува збор за проекти од различни области како инфраструктура и образование во вкупен износ од 250 милиони евра. Од директорот на Светска банка за Македонија беше констатирано дека сите проекти се реализираат одлично, согласно динамиката предвидена во договорите.

Мантованели го издвои и искажа огромно задоволство за имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги, кој се спроведува преку Министерството за финансии и со фонд од 76,8 милиони евра финансира капитални проекти во македонските општини.

Директорот на Светска банка за Македонија изрази надеж за брзо разрешување на политичката криза и дека партнерскиот однос помеѓу Македонија и Светска банка  ќе продолжи и преку идни проекти.

Министерот за финансии Миноски оствари средба и со мисија на Европската комисија по повод македонската Програма за економски реформи 2017-2019. На средбата, претставниците од Директоратот за проширување  и Директоратот за економија и финансии на ЕК истакнаа дека преку Програмата се гледа дека Македонија има подобрување во макроекономскиот и фискалниот дел, како и дека капацитетите во земјава за економско проектирање, анализа и дијагноза се значително зајакнати и подобрени.

Програмата за економски развој е стратешки документ кој се однесува на подобрување на економското управување со земјата во контекст на ЕУ интеграциите, како и подобрување на капацитетите на инстититуциите во целина. Македонија во јануари годинава ја достави Програмата за 2017-2019 до Европската комисија, која е трета ваква програма која земјата ја доставува до ЕК.  

Comments are closed.