19 ноември 2018, Скопје – Во Министерството за финансии се одржа завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во земјата со цел спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. На состанокот присуствуваше тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.
Во Завршното соопштение на тимот на ММФ се наведува дека враќањето на политичката стабилност и напредокот кон решавањето на проблемот со името значително ги подобрило перспективите за отворање на преговорите за членство во ЕУ, повеќе од 12 години после добивањето на кандидатскиот статус. За да се искористи оваа можност и да се осигури посветла иднина преку повисока продуктивност и побрза конвергенција на доходот, клучни се структурните реформи за надминување на долго постоечките слабости на пазарот на труд, правосудството и јавната администрација.
Реалниот БДП во 2018 година е проектиран на 2%, при поволни макроекономски услови, односно ниска инфлација, опаѓачки дефицит на тековната сметка и позитивни трендови на девизниот пазар. Со опоравувањето на инвестициите се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8% во 2019 година, и понатамошно интензивирање на 3,5% на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.
Според ММФ, во минатата деценија ослабеле јавните финансии, што го ограничува просторот за справување со шокови. Поточно, постојаните примарни дефицити, водени од опаѓачките даночни приходи и растечките тековни расходи, резултирале со дуплиран јавен долг во претходната деценија. Во 2018 година, се очекува дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 2,6% од БДП, а јавниот долг 50,5% од БДП.
ММФ наведува дека е исправно што Предлог-буџетот за 2019 година е фокусиран на одржливоста на пензискиот систем, промовирањето на социјалната еднаквост и поддршката на вработеноста. Промените во данокот на личен доход го зголемуваат данокот на доход од капитал и ја подобруваат рамнотежата на даночниот товар меѓу лицата со висок и низок доход. ММФ исто така нотира дека, со цел подобрување на покриеноста и таргетирањето на социјалната помош, Буџетот предвидува консолидација и замена на постоечките видови помош, вклучувајќи го и додатокот за трето дете, со гарантиран минимален доход базиран на потребите и со социјална пензија. Понатаму, според Мисијата, предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Според прелиминарните оценки на ММФ, овие мерки, заедно со поддршката за вработеноста и инвестициите, ќе резултираат со привремено зголемување на фискалниот дефицит на 3% од БДП во 2019 година, и потоа негово намалување на 2,4% од БДП на среден рок. Според основната проекција, јавниот долг ќе го достигне максимумот од 54,7% од БДП во 2021 година.
ММФ препорачува постигнување нула примарен дефицит на среден рок со цел постигнување јасна надолна траекторија на јавниот долг. Со цел долгорочна одржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како што се порестриктивни услови за предвремено пензионирање и покачување на возраста за пензионирање. За ММФ охрабрувачки се и треба да продолжат неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавните финансии и подобрување на фискалната транспарентност. Исто така, се наведува дека мерките за зајакнување на рамката за мониторирање на неплатените обврски во јавниот сектор и предложените измени кои ги поврзуваат општинските буџети со реализацијата на приходите се чекори во правилна насока.
Целиот текст на Завршното соопштение на тимот на ММФ, кое ги содржи прелиминарните заклучоци, може да го видите на следниот линк.