22 мај 2018 година, Скопје – Заменик-министерката за финансии Ширет Елези денеска се обрати на регионалната Конференција за родово одговорно буџетирање „Буџетирај еднакво – буџетирај за жените и мажите“, во организација на UN woman и Влада на РМ.
– Како заменик-министер за финансии, но пред сѐ како жена, среќна сум што можам да кажам дека Владата посветува големо внимание на застапеноста на жените во сите области. Во Владата голем број жени извршуваат значајни функции. Но, свесни сме дека невработеноста кај жените сѐ уште е многу висока. Стапката на невработеност кај жените се намалува, но сепак не со доволен интензитет и тука мора да се преземат значителни мерки, рече Елези.
Сепак поголем проблем, како што истакна, претставува активноста кај женската популација и диспаритетот кај машкото и женското население.
– Во Буџетот за 2018 година се издвоени околу 2,2 милијарди денари за реализација на програми за подеднакво учество на мажите и жените на сите нивоа, истакна заменик-министерката Елези.
Најмногу средства се издвоени за програмата што се реализира преку Министерството за земјоделство, чија цел е зголемување на процентот на искористеност од целокупната програма за рурален развој од страна на носители на земјоделските стопанства кои се жени. Заменик-министерката ја спомена и програмата што се спроведува преку Министерството за одбрана преку која се очекува приближување и доближување на воената професија до поголем број средношколки, како и создавање соодветни услови за престој на питомките и питомците.
Во однос на платите студиите покажуваат дека се уште постои јаз од 17 проценти меѓу платите на мажите и жените во економијата.
Во однос на платите, студиите покажуваат дека сѐ уште постои јаз од 17 проценти меѓу платите на мажите и жените во економијата.
Сепак, со зголемувањето на минималната плата се очекува благо стеснување на јазот имајќи предвид дека во секторите со најниски плати вработеноста на женското население е поголемо.
Последните податоци на Државен завод за статистика говорат дека има значителен пораст на платите во трудоинтензивните дејности. Платите во производството на текстил кумулативно од јануари до март годинава во споредба со истиот период лани бележат раст од 21 процент, во производството на облека 14,4 проценти, а во производство на кожа 16,7 проценти.
Елези истакна дека борбата со стереотипите во образованието е неопходна за да се подобри пристапот на жените до професиите каде што тие се недоволно застапени. Владините програми треба дополнително да го промовираат женското претприемништво.
Таа притоа информира дека преку твининг проектот за Зајакнување на среднорочното буџетско планирање во соработка со UN WOMEN и МТСП направена е и анализа на тековните активности на министерствата и можностите за натамошно унапредување на родовото одговорно буџетирање.
На конференцијата свое обраќање имаа и Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, Сибил Сутер Тејада, амбасадор на Швајцарија, Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија и Мишел Рибота, заменик-регионален директор на UN woman за Европа и Централна Азија.