Драги гости, дами и господа,
Како Заменик Премиер на Владата на Република Македонија одговорен за економски прашања, ми преставува чест да го отворам Вториот вокационен тренинг организиран од Цементарница УСЈЕ. Воедно би сакал да ги поздравам сите присутни и да упатам особена благодарност до вработените на Цементарница УСЈЕ со чија поддршка се организира програмата за стручна обука на млади невработени лица. Владата на Република Македонија ги поддржува сите фирми во Република Македонија кои го воведуваат концептот на корпоративна социјална одговорност. Концептот на корпоративна социјална одговорност е во директна врска со принципите на одржлив развој при што со негово воведување работењето на фирмите не се темели единствено на економско-финанските критериуми, туку посебен акцент се става и на социјалниот аспект. Во рамките на Програмата за обука, Цементараница УСЈЕ има дизајнирано посебен тренинг кој се состои од стручна обука комбинирана со практични искуства отварајќи им на младите луѓе нови перспективи за вработување и градење на кариера.
Активности на Владата на Република Македонија за подобрување на образовниот систем
Во ерата на економија заснована на знаење, квалитетот на образовниот систем и неговата ефективност е најважниот фактор за осигурување на одржлив долгорочен раст и подобрување на конкурентноста на земјата. За таа цел во рамки на Владината реформска агенда за квалитативно подобрување на образовниот систем реформите ги пренасочуваме кон: (a) зајакнување на врските помеѓу вештините стекнати во образовниот процес и оние кои ги бара модерната пазарна економија (б) зголемување на ефикасноста во образованието преку модернизација на наставните програми и учебниците и поврзување на финансирањето со резултатите од образованието. Предвидуваме компјутеризација на основните и средни училишта, воведување на задолжително средно образование, воведување на предмет “бизнис и претприемништво” и други мерки за подобрување на квалитетот на работната сила. Во таа насока веќе е започнат проектот “Компјутер за секое дете„ кој има за цел да набави поголема количина на евтини персонални компјутери кои ќе бидат поделени бесплатно на училиштата во државата. Дополнително ќе бидат набавени и компјутери за населението кои ќе се достапни по цена блиска до набавната.
Се разбира Владата на Република Македонија секој пат остава простор за соработка и поддршка на Проекти и програми поврзани со едукација и тренинг на младата работна сила.
Претставниците на Цементарница УСЈЕ заслужуваат посебна благодарност од причини што одвојуваат нескромен дел од своето скапоцено време за реализација на оваа програма со која придонесуваат за решавање на два најкрупни економски проблеми во Република Македонија: подигнување на нивото на македонската конкурентност и невработеноста. Верувам и очекувам овој позитивен пример да биде следен и од многу други македонски компании. Тоа е патот за остварување на долгорочен одржлив развој на македонските компании и македонската економија во целина.
Ви благодарам,