Загреб, 14 мај 2010 (МИА) – Околу половина милијарда евра Европската банка за обнова и развој – ЕБОР планира да инвестира во Македонија во делот на патната и железничката инфраструктура, енергетиката и финансискиот сектор, јави известувачот на МИА.

 

– ЕБОР е една од најголемите инвеститори во Македонија и денеска добивме ветување дека ќе останат како такви. Се планираат отпилика околу половина милијадра инвестиции на ЕБОР во следните неколку години во Македонија. Тие ќе бидат во повеќе сектори во делот на железничката и транспортната инфраструктура, енергетиката и ќе има инвестиции во финансискиот сектор и во приватните компании, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по средбите со високите претставиници на банката.

 

Тој истакна дека има добри шанси ЕБОР да учестува во проектот за изградба на железничката пруга на Коридорот 8 за што банката веќе има обезбедено средства за изработка на физибилити студија.

 

– Денеска најмногу бев заинтересиран да добиеме потврда дека ќе учествуваат во финансирањето на проектот за изградба на пругата кон Бугарија на Коридорот 8 и има добри шанси ЕБОР да влезе во таа инвестиција. Тоа е инвестиција од речиси 400 милиони евра сама по себе. Може ќе се реализира во фази но значајно е што банката веќе обезбеди средства за изработка на физибилити студија врз основа на која потоа очекуваме да донесат и одлука за финансирање, рече вицепремиерот Ставрески.

 

ЕБОР има обезбедено и средства во висина од 50 милиони евра за имплементација на проектот за ревитализација на регионалните и локални патишта, а се очекува да финансираат и околу 18 милиони евра за реконструкција на железничката пруга од Коридорот 10. Во делот на енергетиката потврдено е дека ЕБОР заедно со уште една банка, најверојатно Европската инвестициска банка, ќе бидат финансиери на проектот за изградба на гасоводниот систем во Македонија. – Значи проектот за гасификација освен со Клириншкиот долг од Русија, којшто е договорено да биде употребен за таа намена, главниот дел од средствата ќе бидат обезбедени од ЕБОР и ЕИВ. Зборуваме за околу 300 милиони евра, рече Ставрески.

 

Од македонска страна е побарано банката да инвестира и во изградбата на една од хидроцентралите што ЕЛЕМ планира да ги гради во следниот период за што е добиено ветување дека во следните неколку месеци ова прашање ќе биде разгледано од страна на Бордот на директори. Најверојатно тоа ќе биде ХЕЦ Бошков мост, проект вреден 80 милиони евра. Во следните седум до осум години во енергетскиот сектор во Македонија како еден од најзначајните, се планира да бидат инвестирани околу две ипол милијарди евра.

 

Во рамки на годишното собрание на ЕБОР денеска вицепремиерот Ставрески и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо ги презентираа можностите за инвестирање во Македонија пред заинтересираните бизнисмени и меѓународни организации, а попладне се очекува да биде потпишан и договор за заем мегу ЕБОР и Охридска банка во висина од 10 милиони евра што ќе биде искористен за кредитирање на мали и средни бизниси.

 

ЕБОР досега во Македонија има финансирано повеќе од 510.000.000 евра во над 40 проекти од финансискиот и енергетскиот сектор, инфраструктурата и корпоративните дејности.

Comments are closed.