Скопје, 6 ноември 2014 (МИА) – Интересот за проектот „Купи куќа, купи стан“ значително пораснал по саемот за овој проект што се одржа од 24 до 28 октомври.

Како што информираат од Министерството за финансии, граѓаните секојдневно се интересираат за постапката за аплицирање за субвенцијата. Објаснуваат дека процедурата за аплицирање е едноставна и се состои од три чекори.

– Постапката за аплицирање за „Купи куќа, купи стан“ може да ја објасниме во три чекори и доколку сте информирани е доста едноставна. Прв чекор е да најдете стан или куќа или плац за куќа. Втор чекор е да се обратите до една од 8-те банки кои учествуваат во проектот и да поднесете документи, и третиот чекор е на Министерството за финансии да донесе одлука за одобрување на субвенцијата, по што барателот потпишува договор за кредит со банката, вели Ивана Билбиловска, портпарол на Министерството за финансии.

За првиот чекор, Билбиловска објаснува дека услов на проектот е станот или куќата да се новоградба и цената на квадратниот метар да е под 900 евра. Лицето кое аплицира за проектот „Купи куќа, купи стан“ треба да склучи преддоговор со изведувачот или ако гради куќа да обезбеди градежно-техничка документација.

– Вториот чекор е граѓанинот да се обрати до една од осумте банки кои се вклучени во проектот „Купи, куќа, купи стан“, односно Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Охридска банка, Алфа, ТТК, НЛБ Тутунска, Шпаркасе или Прокредит банка. Заедно со преддоговорот за стан или куќа лицето до банката треба да поднесе лична карта, потврда за редовен работен однос, потврда за последни шест примени плати и изјава на нотар дека првите пет години од отплатата нема да го продадат станот или куќата, нема да ги дадат под кирија или да ги стават под втора хипотека. Банката ги собира овие документи од барателот и анализира дали е подобен за кредит, а потоа ги доставува до Министерството за финансии, појаснува Билбиловска.

Третиот чекор е носење одлука од страна на Министерството за финансии. Откако ќе ги добие документите од банката, Комисија во Министерството ги разгледува и носи одлука. Потоа ја информира банката дека одобрила субвенција, а потоа банката склучува договор за кредит со кредитобарателот.
Инаку, Комисијата во Министерството за финансии се состанува најмалку еднаш во 45 дена, а по потреба и повеќе пати.

– Доколку немате сопствен дом или домот во кој живеете станал премал за вашето семејство па сакате да купите поголем и доколку планирате да земете станбен кредит, „Купи куќа, купи стан“ е навистина добра шанса. Субвенциите кои ги дава Министерството за финансии се неповратни и може да достигнат и до 14.000 евра, а каматната стапка е навистина ниска и изнесува 3,95 отсто првите три години и 4,44 за четвртата и петтата година за моделот каде субвенционираме 50, односно 75 отсто од ратата од кредитот или фиксна за цело време на отплатата во износ 4,5 отсто плус 6-месечен ЕУРИБОР за моделот каде субвенционираме 50 или 75 отсто од учеството во зависност дали станува збор за стан или куќа, истакна Ивана Билбиловска, портпарол на Министерството за финансии.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.