18 септември 2017, Скопје – Во Министерството за финансии се одржа завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во земјата со цел спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. На состанокот присуствуваше тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Тимот на ММФ го објави Завршното соопштение, кое ги содржи прелиминарните заклучоци и може да се најде на следниот линк.

Во Завршното соопштение се наведува дека политичката неизвесност негативнo влијаеше врз економскиот раст, првенствено преку пониските инвестиции, додека формирањето на новата влада претставува значајна пресвртна точка. Се препорачува отсега политиките да се фокусираат на повторна изградба на т.н. бафери на фискалната политика и на имплементирање на клучните економски реформи со цел да се стимулира растот и да се поттикнат перспективите за членство во ЕУ. Според нив, главните реформи се однесуваат на владеењето на правото, ефикасноста и транспарентноста на јавните институции, како и активноста на работната сила, особено на жените.

Економскиот раст во 2017 година е проектиран на 1,9%, додека очекуваната стапка на инфлација изнесува 1,2%. Среднорочните изгледи се поволни, условени од продолжената политичка стабилност и силната надворешна побарувачка. Во 2018 година се очекува повисок раст на реалниот БДП, кој постепено ќе забрза на 3,75% на среден рок, поддржан од позитивниот сентимент кај инвеститорите, проширените извозни капацитети и продолженото подобрување на пазарот на труд.

Со оглед на јавниот долг од 45% од БДП на крајот на 2016 година, што претставува двојно повисоко ниво од 2008 година, Мисијата на ММФ препорачува итна фискална консолидација со цел зачувување на одржливоста, подготвеност за идни шокови и создавање простор за неопходниот социјален развој и инфраструктурните потреби. Проектираниот буџетски дефицит за 2017 година изнесува околу 3% од БДП, додека на среден рок тој би надминал 3,5% од БДП, како одраз на враќањето на неплатените обврски, субвенционирањето на платите и дополнителната социјална поддршка.

Во делот на специфичните препораки, Мисијата на ММФ ги наведува намалувањето на даночниот товар за ниските нивоа на доход и воведувањето прогресивност во данокот на доход, зголемувањето на буџетските приходи преку поефикасна наплата на ДДВ и повисоки даноци на имот и акцизи на нафтени деривати, како и намалувањето на тековните буџетски расходи преку намалување на субвенциите и реформи на пензискиот систем. Притоа, Мисијата на ММФ ја поздравува интенцијата на Владата за засилување на управувањето со јавните финансии и зголемување на фискалната транспарентност.

На состанокот, министерот Тевдовски се заблагодари на отворените дискусии со Мисијата на ММФ, и истакна дека прелиминарните заклучоци и конечниот извештај ќе бидат сериозно земени предвид при водењето на економската политика. Тој ја истакна и определбата за подлабока соработка со ММФ, првенствено преку користење техничка помош и редовна размена на податоци и информации.

 

Comments are closed.