Лидер, 23 сeптември 2015, (Скопје) На краток рок, во следните шест месеци ќе има близу 4.000 нови вработувања во фабриките на странските инвеститори. Следните години се очекуваат над 20.000 вработувања согласно предвидувањата на Светска банка и на ММФ, но и на Владата.
Владата во изминатите години покажа дека прави многу, како за домашните така и за странските компании во Република Македонија, нагласи заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на пратеничкото прашање на Магдалена Манаскова.
Голем број реформи за поддршка на домашните и странските компании
Во делот на поддршката на домашните фирми, Ставрески посочи дека се направени реформи коишто се однесуваат на даночните олеснувања за водење бизнис, и како што рече Македонија е земја со најниски даноци во светот. Понатаму тој се осврна на проектот регулаторна гилотина, а, како што потенцира, инфраструктурните услови се одржуваат на добро ниво, односно се градат автопати и други патишта. Во делот на реформите што се прават за поддршка на домашните компании, Ставрески го спомена и капиталниот проект „Македонија вработува“, со кој како што рече, се овозможува бизнисмените да вработуваат луѓе и притоа неколку години да бидат ослободени од плаќањето придонеси за нив. За странските компании, Ставрески посочи дека нивното влијание е повеќекратно, од воведувањето нови технологии и производството на производи кои имаат поголема додадена вредност, но и образованието со коешто се стекнуваат вработените во домашните компании преку соработката со странските инвеститори. Најголем работодавач во моментов е фабриката „Дрекселмајер“ во Кавадарци, но и во другите фабрики на странските инвеститори се реализирани голем број нови вработувања.
– Компаниите коишто се сместени во технолошко-индустриските развојни зони или работат во индустриските зони досега реализираа 13.441 вработување. Тоа е значаен број работни места, тоа се 13.441 семејство, посочи Ставрески. Тoј потенцира дека најголеми работодавачи во моментов е фабриката „Дрекселмајер“ со 5.538 работни места и „Кромберт и Шуберт“ во Битола. По нив следат „ Џонсон Контролс“ во Штип, „Ван Хол“, „Џонсон мети“ и „Амфенол“ итн.
– Станува збор за креирање работни места коишто се значајни затоа што овозможуваат вработување лица со средно и со високо образование, но и со стручно училиште, рече вицепремиерот.
Нови 4.000 вработувања во следните шест месеци
Тој најави дека бројот на вработувања во овие компании понатаму ќе расте. Притоа се осврна и на бројот на вработувања во компаниите што во моментов се во изградба, како што е „ОДВ-Електрик“ која вчера почна да се гради и во која се планирани 1.000 вработувања. Во оваа фабрика првично има 87 вработени, а дел од лицата веќе се испратени на обука. Понатаму ги спомена и планираните нови вработувања и во другите фабрики што во моментов се во изградба: КСС во Кичево, која планира да вработи 1.000 лица, „Техникал Текстајл“ во Штип со 500 вработувања, „Гентерм“ во Прилеп 2.000 вработувања (во оваа фаза има 345 вработени). Како што рече Ставрески, на краток рок во следните шест месеци ќе има близу 4.000 нови вработувања во фабриките на странските инвеститори. Следните години се очекуваат над 20.000 вработувања согласно предвидувањата на Светска банка и на ММФ, но и на Владата. Тој нагласи дека е особено значајно тоа што голем дел од овие инвестиции ќе се реализираат во други градови низ Македонија, и дека тоа е една од стратегиите на Владата.
Целта е невработеноста да се намали на 22 проценти или пониско
Тука како пример ги наведе инвестициите на „Маркарт“ во Велес каде има 600 вработувања, потоа новата инвестиција во Струмица каде се планирани 1.500 вработувања, а како што рече, нови инвестиции се планираат и во Тетово и во други градови од земјата. Притоа, Ставрески истакна дека тоа ја подобрува сликата од аспект на вработеноста.
– Заедно со домашните и со странските фирми направивме невработеноста да се намали од 36 на 26, 8 проценти. Но, целта не е да застанеме тука, туку да направиме уште повеќе за намалување на невработеноста, рече министерот за финансии. Тој нагласи дека со проектот „Македонија вработува“ 6.200 лица нашле вработување, а според проекциите се очекува невработеноста во земјата да се намали на 22 проценти или пониско, со што ќе се овозможи подобар животен стандард на граѓаните.