17 март 2018, Скопје – Aгенцијата “Standard and Poor’s” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-, со стабилен изглед. Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на “Standard and Poors” за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.
Standard and Poor’s нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на владата, како и дека неодамна е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името. Според извештајот, ова би требало да резултира со подобрување на довербата и интензивирање на економскиот раст. Standard and Poor’s исто така ги наведува плановите за значајни реформи во правосудството, јавната администрација, јавните набавки и транспарентноста, и притоа напоменува дека на овие полиња веќе има одреден напредок, вклучително и во зголемената транспарентност на јавните финансии.
Според извештајот, политичката волатилност во минатото имала негативен ефект врз економскиот раст, кој забавил од 3,9% во 2015 на 2,9% во 2016 и на нула во 2017. Се очекува дека растот ќе забрза на околу 3% во 2019 година, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. Standard and Poor’s го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47% од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски кои беа објавени по трансферот на власта.
Standard and Poor’s наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вон-буџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг.