Скопје, 29 декември 2015 (МИА) – Владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија, ЕЛЕМ и КфВ банка денес потпишаа спогодба и три договори за реализација на проектот за изградба на нов систем за централно греење во Битола, Новаци, Могила и Логоварди.

Со договорот, КфВ на ЕЛЕМ му дава заем од 39 милиони евра за реализација на проектот со фиксна каматна стапка од 1,5 отсто, што е историски најмала камата за изградба на инфраструктурен објект во Македонија, и рок на отплата од 15 години со вклучен грејс-период од четири години. Ниската каматна стапка ќе значи заштеда од над три милиони евра.
ЕЛЕМ треба да ги обезбеди останатите 7,5 милиони евра од сопствени средства за реализација на проектот. Во првата фаза се предвидува да биде изграден магистрален цевковод од РЕК „Битола“ до Битола во должина од 12,5 километри, потстаница и дистрибутивна мрежа во Битола, како и приклучоци до дистрибутивните мрежи во Новаци, Могила и Логоварди, а во втората фаза дистрибутивна мрежа во трите населени места доколку има интерес.

– Уште едно ветување на Владата на Република Македонија денес станува реалност. Со договорите кои ги потпишавме со Сојузна Република Германија и КфВ банка обезбедени се 39 милиони евра од вкупно 46,5 милиони евра потребни за изградба на системот за топлификација за Битола, Новаци и Могила, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.

Тој посочи дека воведувањето централен топлински систем за Битола и нејзината околина е идеја која постои децении наназад. – Тоа што им го ветивме на граѓаните на Битола на последните локални избори еве сега станува реалност, рече Ставрески.
Потенцира дека со проектот е предвидено да се искористи отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК „Битола“ преку изградба на систем за производство на топлинска енергија, магистрален топлински вод од 12,5 километри, примарна пумпно- топлинска станица во Битола, дистрибутивна мрежа во Битола и приклучоци за населбите Новаци, Могила и Логоварди кон нивните дистрибутивни мрежи.

– Во првата фаза од проектот предвидено е, освен домаќинствата во Битола, на топловодната мрежа да се приклучат 35 јавни објекти од општината. Во втората фаза би се изградила и дистрибутивната мрежа во Новаци, Могила и Логоварди, доколку има интерес кај граѓаните, рече Ставрески.

Прецизира дека Битола и околината имаат огромни придобивки од изградбата на системот за централно греење преку елиминирање повеќе извори на загадување на животната средина и значително намалување на употребата на нафта и огревно дрво за загревање.
Додаде дека КфВ банка досега во Македонија има поддржано капитални проекти во вредност од 320 милиони евра.

Заменик-амбасадорот на СР Германија во Македонија Ханс Хелге Сендер посочи дека проектот за изградба на централен систем за греење во Битола е маркер на плодната соработка меѓу германската и македонската Влада. Нагласи дека ЕЛЕМ ќе го имплементира проектот во наредните четири години, а КфВ ќе ги исплати 39-те милиони евра директно на компанијата изведувач која ќе биде избрана на меѓународен тендер.
– Парите ќе бидат исплаќани на рати по завршување на работите и ретроактивно ќе бидат рефундирани на компанијата изведувач за трошоците што ги направила. Парите воопшто нема да се исплаќаат однапред. Проектот ќе биде под надзор на меѓународен технички консултант кој ќе ја следи и исплатата, прецизира Сендер.

Главниот менаџер на КфВ банка Рајнер Суенен посочи дека главниот фокус на соработката меѓу Германија и Македонија е на полето на климатските промени и на заштитата на животната средина.

– Ова е важен проект кој претставува продолжување на плодната соработка со нашите партнери во Македонија. Со ЕЛЕМ веќе имаме спроведено проекти од Програмата за енергетска ефикасност и обновлива енергија преку реконструкцијата на шест хидроцентрали и изградбата на ветерниот парк во Богданци. Сега го почнуваме проектот во Битола со кој ќе се придонесе кон поголема енергетска ефикасност на локално ниво и пошироко. Граѓаните на Битола, покрај еколошки подобрувања и замена на енергенсите ќе имаат и можност за нови вработувања, рече Суенен.

Генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски денешното потпишување на договорите го оцени како уште еден важен чекор кон изградбата на топлификациониот систем во Битола, Новаци, Могила и Логоварди и додаде дека во изминатиот период ЕЛЕМ изработи физибилити студија, ја подготви и ревидира проектно-техничката документација и ги прилагоди двата термо-блока во РЕК „Битола“.

– Изградбата на системот за топлификација очекуваме да има директно влијание врз намалување на емисиите од согорување на дрвото, нафтата, мазутот и фосилните горива во малите домашни печки, како и во печките на јавните и комерцијалните објекти. Тоа ќе доведе и до намалување на емисиите на сулфурдвооксид, азотни оксиди и јаглерод моноксид и диоксид со што ќе има директен импакт врз зголемување на квалитетот на амбиенталниот воздух и на зголемување на квалитетот на животот на граѓаните во регионот, рече Бошковски, нагласувајќи дека граѓаните на Битола ќе да ја добијат топлинската енергија за грејната сезона 2018-2019 година.

Префрлувањето на граѓаните на топлинскиот систем, додаде, ќе значи и намалување на потрошувачката на електрична енергија за загревање во зимскиот период што, пак, ќе значи зголемена енергетска ефикасност и заштеда на природните ресурси за производство на струја.  

Генералниот директор на ЕЛЕМ потенцира дека во изминатиот период со КфВ банка ЕЛЕМ ги реализираше двата капитални проекта – втората фаза од ревитализацијата на шесте големи хидроелектрани и изградбата на ветерниот парк Богданци во вредност од 92,1 милион евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.