22 октомври 2018, Скопје – Денес Владата го усвои предлог законското решение со кој на општините им се ставаат на располагање 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови. Министерот за финансии Драган Тевдовски, на прес-конференција во Владата, рече дека секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51% од пријавените обврски. Овие средства се предвидени со ребалансот на буџетот.

– Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни. Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството – рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека освен решавање на проблемот со долговите на општините, Владата ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање на долгови во иднина. Се предлагаат измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.

– Преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои општините креираа неизмирени обврски во претходните години. Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината – рече Тевдовски.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу рече дека со ова законско решение, Владата решава проблем со кој се соочуваат скоро сите единици на локалната самоуправа во Македонија.

-Долговите кои постојат не само на општините, туку и на единките корисници основани од нив, како што се училиштата, детските градинки, и други институции се со наследена ситуација која со години не овозможува развој. Оваа ситуација ги афектира и руралните и урбаните општини. Ние како Влада, во интерес на граѓаните на Република Македонија, донесовме одлука да интервенираме финансиски и да ја затвориме оваа ситуација. Очекуваме дека со обезбедување на финансиската поддршка за општините, истите ќе подмират голем дел од нивните обврски, со што и директно ќе помогнат на економскиот развој и дека овие средства ќе бидат еден вид инјекција во стопанството, кон правни лица кои бле нивни добавувачи-рече Фазлиу.

Заклучно 30 септември годинава, електронскиот систем за евиденција на Министерството за финансии забележал стари пријавени доспеани, а неплатени обврски,во износ од 18,817 милијарди денари. Ова е за 3,527 милијарди денари помалку во однос на обврските пријавени со пресечен датум 31 мај 2017 година. Намалувањето се должи на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година, рече министерот за финансии.

Во продолжение е целосното обраќање на министерот за финансии на прес-конференцијата:

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Целта на пресов е да Ве информира за три работи:

  • објавувањето на превземените, а неплатени обврски на државните институции;
  • законското решение за финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа; и
  • воспоставувањето на механизам за зголемувањето на фискалната дисциплина кај единиците на локалната самоуправа.

I.      Закон за пријавување и евиденција на обврските

Законот за пријавување и евиденција на обврските беше донесен од страна на Собранието во април годинава. Дополнително, заради имплементација на законот во Министерството за финансии е направен софтвер (електронски систем) во кои се пријавуваат обврските од страна на: буџетските корисници; единиците на локалната самоуправа; установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон основани од Република Македонија или единиците на локална самоуправа; јавните претпријатија и трговските друштва во сопственост на државата; и други правни лица чиј основач е Република Македонија или единиците на локалната самоуправа.

Неплатените обврски на државните институции, со пресечен датум 30.9.2018 година, се достапни на веб страната на Министерството за финансии. Прегледот на неплатените обврски е изработен врз основа на податоци кои институциите од јавниот сектор ги пополнија во електронскиот систем. Притоа, одговорноста за целосно, точно и навремено пријавување на обврските е на институциите од јавниот сектор.

Износот на пријавените доспеани, а неплатени обврски, со пресечен датум 30.9.2018 година, изнесува 18,817 милијарди денари (307 милиони евра). Ова е за 3,527 милијарди денари (56 милиони евра) помалку во однос на обврските кои беа пријавени со пресечен датум 31.5.2017 година. А, намалувањето се должи пред сѐ на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година.

II.    Финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа

Единиците на локална самоуправа, заедно со единките корисници основани од единиците на локална самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита имаат пријавени доспеана, а неплатени обврски од околу 5,95 милијарди денари, од кои единиците на локална самоуправа 5 милијарди, а нивните единки корисници 950 милиони денари.

Владата денес усвои предлог законско решение со кое се уредува финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единките корисници кои се основани од нив. Во него се предвидува обезбедување на 51% од пријавените, а неплатени обврски. Во Ребалансот на буџетот се планирани средства за оваа намена во износ од 3,020 милијарди денари. Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни.

Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.

III.  Воспоставување на механизам за спречување на повторно зголемување на неплатените обврски од страна на општините во иднина

Истовремено со финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа, Владата предлага измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фисокално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.

Нереалното планирање на буџетите на единиците на локалната самоуправа, односно преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои единиците на локалната самоуправа креираа неизмирени обврски во претходните години.

Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината.

Оттука, на ваков начин со предложените законски решенија се очекува значително подобрување на фискалната позиција на општините.

Comments are closed.