6 декември 2019, Скопје – Исплатата на повратот на ДДВ од скенираните сметки започна денеска и ќе се извршува непречено во претстојните денови, сѐ додека не се исплатат сите граѓани кои оствариле право на поврат во првото тримесечје, во износ од околу 3 милиони евра, рече на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.
Како што посочи Ангеловска, денеска се исплатени сите налози што пристигнале од УЈП за поврат на ДДВ и дека на сметките на 16.600 граѓани ќе легнат околу 21 милион денари.
– Апелирам до сите граѓани да ги проверат трансакциските сметки што ги внеле за поврат на ДДВ, бидејќи и претстојните денови ќе продолжи повратот на ДДВ. Над 180.000 граѓани секој месец во просек скенираат фискални сметки и за овие 5 месеци скенирани се над 40 милиони фискални сметки, односно околу 8 милиони сметки месечно – рече Ангеловска.
Таа посочи дека просечната старост на лицата што скенираат фискални сметки е 42 – 44 години. Најмногу скенираат сметки во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, како и во Битола и во Штип.
Ангеловска најави и дека од 15 декември започнува МојДДВ #МојаНаграда и дека ова ќе биде уште еден мотив плус граѓаните да ги скенираат фискалните сметки и со тоа да придонесат во борбата против сивата економија.