Прилеп, 7 ноември 2012 (МИА) – На влезот од Прилеп, кај бензиската пумпа „Лук оил”, денеска почна првата фаза од изградбата на булеварот во должина од 800 метри. Станува збор за проект вреден 30 милиони денари, пари од кредитот од Светска банка за инфраструктурни зафати во општините што се реализира преку Министерството за финансии.
– Да се гради значи да се создава нешто ново, подобро, да се подобри животот на граѓаните. Владата ќе ги поддржи сите крупни инфраструктурни зафати во Прилеп. Токму за таква убава работа сме овде, за почнување на работите на новиот влез на Прилеп, на новата авенија, со што продолжува подобрувањето на условите за жителите, стопанствениците, за сите што ги користат сообраќајниците. Ова е надоврзување на многуте проекти што се реализираат во Прилеп изминативе години, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски.
За да се гради, додаде, треба визија, креативност, но и реализација.
– Токму тој спој го има во Прилеп. Владата секогаш ќе има разбирање и ќе дава финансиска поддршка на општината за да се реализираат сите крупни инфраструктурни проекти. Ќе има патишта, нови игралишта, помош за водоводи и канализации, ќе има средства за секоја визија на градот, рече Ставревски.
Според министерот за финансии, за прилепчани е уште побитно креирањето услови за нови работни места.
– Затоа е важно да се креираат и негуваат партнерски односи со бизнис заедницата, инфраструктурни услови за идеате на бизнисмените за да инвестираат и да отворат нови работни места. Задоволен сум што овие месеци се реализира еден од најзначајните проекти во овој контекст – индустриската зона „Прилеп 1”. Ќе има втора и трета фаза и не само 20, ќе има 100 ина локации, а илјадници прилепчани ќе најдат работни места. Тоа го очекувам и со двете фабрики што ќе се отворат во Битола и Кавадарци, со вкупно 6.500 работници, а ќе има работни места и за прилепчани, напомена Ставрески.
Владата, подвлече, нема да прекине со активностите за изградбата на слободната зона во Прилеп.
– Круна на нашите напори е и во Прилеп да донесеме инвестиции. Од околу 400 милиони денари кои за в година се издвоени за слободните економски зони, ќе има доволно и за сериозно почнување на работите во слободната економска зона кај Прилеп, истакна Ставревски.
Како што нагласи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, изминатите три години локалната власт и Министерството заедно реализираа осум локални патишта до поголемите населени места во општината. Тоа значи реконструкција и изградба на 30 километри локална патна мрежа.
– Моментно се градат два локални патишта, а уште два ќе бидат готови до март-април наредната година. За четири години ќе бидат изградени 43 километри локална патна мрежа, рече Јанакиески, потсетувајќи дека се реконструирани и регионалните патни правци Прилеп – Македонски Брод и Прилеп – Кривогаштани.
Во финална фаза, додаде, е конечното решавање на водоснабдувањето во Прилеп. До крајот на годинава ќе бидат во функција десетте нови бунари. Бунарите ќе донесат нови 100-тина литри вода во секунда и градот нема да зависи од варирањето на дарежливоста на изворот Студенчица.
Осврнувајќи се на изградбата на булеварот, градоначалникот Марјан Ристески рече дека Прилеп ќе добие модерно уреден влез, достоен за европските градови, функционален за сите учесници во сообраќајот.
– Очекуваме за околу пет месеци оваа фаза да биде готова. Потоа ќе следува втората, до раскрсницата кај некогашната конфекција „Солидност“ за што градот ќе користи средства од ноивата транша од Светска банка, изјави Ристески.