Скопје, 7 декември 2015 (МИА) – До крајот на годината ќе почне реконструкцијата и проширувањето на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ на делницата од поранешна Стаклара до Пинтија. Средствата во износ од 4,2 милиони евра град Скопје ги обезбеди од централната власт преку Проектот за подобрување на општинските услуги на Светска банка. Градежните работи ќе ги изведува конзорциум од фирмите „Бетон“, „Бауер“ и бугарската „Понстрој инженеринг“.
Договорот за реализација на третата фаза од Проектот за реконструкција и проширување на булеварот денес го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски и претставници на компаниите од конзорциумот кој ќе ги изведува градежните работи „ДГ Бетон АД“, „Бауер БГ“ и „Понстрој инженеринг ЕАД“.
Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од булеварот „Борис Трајковски“ ќе се врши на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Булеварот ќе биде со ширина од 13,75 метри, со четири ленти и пешачка и велосипедска патека од двете страни на коловозот.
Градоначалникот Трајановски информира дека градежните работи на булеварот „Борис Трајковски“ ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по целата должина, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации (електрични и телекомуникациски), а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување.
На новиот булевар ќе се постават нови семафори и ќе биде поставена целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација.
Според Трајановски и вицепремиерот Ставрески, со реализацијата на овој Проект Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот.
Трајановски истакна дека средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Под-заемот треба да се враќа во период од 13 години, со грејс период од три години, започнувајќи од датумот на потпишување на овој Договор.
– Со потпишувањето на овој Договор ќе се реализира уште еден голем капитален инфраструктурен проект што ќе го подобри животот на граѓаните. Нашата соработка со градот Скопје е одлична и ова не е единствениот проект каде што соработуваме преку Проектот за подобрување на општинските услуги. Од оваа програма ние со градот Скопје имаме вкупна соработка од околу 9 милиони евра, каде што влегува и капиталниот проект за подобрување на водоснабдувањето на Шуто Оризари, како и набавка на возила и машини за потребите на комуналните претпријатија, изјави министерот Ставрески и додаде дека и во идина ќе даваат поддршка на вакви проекти кои значат многу за илјадници жители во Скопје и скопските општини.
Преку Проектот на Светска банка, како што рече министерот, досега во 46 општини се поддржани проекти во вкупен износ од 42 милиона евра. Бидејќи, како што посочи, станува збор за Проект што решава значајни инфраструктурни прашања за жителите на голем број општини, тој ќе продолжи да се реализира и во наредните две години, за што се обезбедени дополнителни 25 милиони евра.
Градежните работи на булеварот „Борис Трајковски“ ќе траат 18 месеци.