Царинската политика во Република Македонија е насочена кон зголемување на меѓународната конкурентност на домашните економски субјекти, односно кон остварување економски раст и развој на националната економија, преку поддршка на домашното земјоделство, индустрија и транспорт и преку укинување или намалување на стапките за стоки кои не се произведуваат во Република Македонија, со што фискалната функција на царината добива секундарно значење, додека примарно значење има заштитната и развојната функција.
Министерството за финансии особено внимание посветува на влијанието на царините врз промените на релативните цени, а со тоа и на промените во вредностите на увозот и на извозот, на рамнотежата на трговскиот биланс, на развојот на одредена гранка и на националната економија во целина.
Правните основи на царинската политика на Република Македонија се усогласени со праксата во Европската унија и се совпаѓаат со правилата кои ги применува Светската трговска организација (WTO). Правните основи на царинскиот систем и политика се дефинирани во: Царинскиот закон, Законот за царинска тарифа, Закон за царинските мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други прописи и спогодби кои Република Македонија ги има склучено.
Царинскиот закон ги уредува правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја, а со Законот за царинската тарифа се пропишуваат правилата за начинот на пресметка на царински давачки, системот на имиња на стоката која се увезува и извезува во Република Македонија, тарифните броеви и тарифните ознаки и царинските давачки кои се применуваат.
Усогласувањето и менувањето на Царинската тарифа согласно со измените на Комбинираната номенклатура донесена од страна на Европската комисија во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави се врши секоја година со Одлука на Владата на Република Македонија која се применува од 1 јануари следната година.
Царинската управа на Република Македонија е надлежна за спроведувањето на царинските прописи, односно, спроведување царински надзор, царинска контрола и царинење на стоките.