Проф. д-р Николче Јанкуловски
Заменик министер во Министерство за финансии на Република Северна Македонија
Заменик министер во Министерство за финансии на Република Северна Македонија
Проф. д-р Николче Јанкуловски е доктор на економски науки и редовен професор на Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на Катедрата за агроекономија.
Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во 2006 година. Во 2009 година магистрирал на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 2012 година на истиот институт се стекнал со научен степен доктор на економски науки, со одбрана на докторската дисертација „Финансирање на единиците на локалната самоуправа во контекст на рамномерниот регионален развој во Република Македонија“.
Професионалната и академската кариера ја започнал во 2006 година на Факултетот за биотехнички науки при УКЛО – Битола, на Катедрата за агроекономија. Во периодот од 2006 до 2009 година бил помлад асистент, од 2009 до 2012 година асистент, од 2012 до 2017 година доцент, а потоа вонреден професор. Од декември 2022 година е редовен професор во наставно-научните области економија и финансии.
Автор и коавтор е на околу 80 рецензирани научни и стручни трудови, објавени во домашни и меѓународни научни публикации и презентирани на научни конференции во земјата и странство. Неговите научни трудови имаат околу 240 цитирања. Автор е и на рецензираното учебно помагало „Сметководство во агробизнис“, како и на авторизирани наставни материјали од областа на финансискиот менаџмент.
Во текот на академската кариера учествувал во реализација на повеќе европски и меѓународни проекти, вклучително и во рамки на програмите за прекугранична соработка IPA, TEMPUS и Erasmus. Реализирал академски и наставни мобилности во повеќе европски земји преку програмите CEEPUS, Erasmus и COST.
Од 2015 до 2019 година ја извршувал функцијата продекан за наука и меѓународна соработка на Факултетот за биотехнички науки и бил Erasmus координатор. Од 2020 година бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а од ноември 2022 до август 2024 година ја извршувал функцијата претседател на Универзитетскиот сенат, во два последователни мандати.
Има повеќегодишно искуство и во локалната самоуправа. Во два мандата, од 2013 до 2017 и од 2017 до 2021 година, бил член на Советот на Општина Битола, каде што учествувал во работата на повеќе комисии од областа на финансиите, локалниот развој, младите и безбедноста.
На 23 јули 2024 година е избран за заменик-министер за финансии на Република Северна Македонија. Во рамки на функцијата е вклучен во креирањето и спроведувањето на политиките во областа на јавните финансии, фискалната политика, Буџетот и Фискалната стратегија, управувањето со јавниот долг, фискалната децентрализација, реформите во управувањето со јавните финансии, како и меѓународната финансиска и регионална соработка.
Јанкуловски е и национален координатор за активностите во рамки на Советот за регионална соработка (RCC), со ангажман во имплементацијата на Стратегијата за Југоисточна Европа – SEE 2030. Во рамки на овој процес учествува во активности насочени кон унапредување на регионалната економска соработка, одржливиот развој, зелената и дигиталната транзиција и европската интеграција на регионот.
Во своето професионално работење учествува и во иницијативи и активности со меѓународни институции и организации во областите на реформата на јавните финансии, одржливото финансирање и регионалниот развој.
Зборува македонски и англиски јазик.
Буџетски трошоци во изборен период
Предизборен финансиски извештај