15 јуни 2026, Скопје - Во организација на Сектор Академија за јавни финансии, на 11 и 12 јуни 2026 година се одржа работилница на тема „Ревизија на успешност во јавниот сектор“, наменета за јакнење на знаењата и вештините на учесниците во областа на ревизијата на успешност и современите пристапи за оценување на ефикасноста, ефективноста и економичноста во работењето на јавниот сектор.
Работилницата е продолжение на претходната која се одржа на 07 и 08 мај 2026 година и претставува можност за размена на искуства, продлабочување на стручните знаења и запознавање со современи методологии, аналитички алатки и практики кои придонесуваат за подобрување на процесот на ревизија и носење одлуки засновани на докази. Како и на претходните сесии, обучувач беше Markus Erlmoser, кој со своето долгогодишно меѓународно искуство и експертиза даде значителен придонес во разрешувањето на дилемите и предизвиците со кои учесниците се соочуваат во своето секојдневно работење.
Посебен акцент беше ставен на унапредување на аналитичкиот пристап во ревизијата, користење на податоци при оценување на резултатите од работењето, како и на подготовка на извештаи кои создаваат додадена вредност и придонесуваат за подобрување на јавните политики и управувањето со јавните ресурси.
Преку интерактивни дискусии и практични примери, учесниците имаа можност да ги прошират своите знаења за актуелните трендови и идните предизвици во областа на ревизијата на успешност, со цел понатамошно унапредување на професионалните капацитети и зајакнување на доброто управување во јавниот сектор.