13 мај 2026, Скопје – Фискалната политика во 2026 година продолжува по зацртана среднорочна рамка. Фокусот останува заштита на животниот стандард на граѓаните, поддршка на економијата и фискална консолидација, која ја темелиме на фискалната одговорност и дисциплина во планирањето и користењето на јавните средства, а во рамки на реални и одржливи фискални можности. Ова го истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за МИА.
„Во пракса значи дека ќе одиме со фазно спроведување на фискалната консолидација, без нагли органичувања затоа што не сакаме да предизвикаме штети на економијата и да го прекинеме оној циклус на економски раст од околу 3,5 проценти кој го имаме постигнато во последната година и половина. Се стремиме да го постигнеме она правило од 3 проценти буџетски дефицит од 2028 и понатаму да се спуштиме и под тоа ниво, но истовремено ќе внимаваме да создадеме услови за економски раст. Фискалната консолидација не е само прашање на кое треба да работиме, туку и процес којшто на некој начин е повеќе од потребен со оглед на тоа што имаме неизвесности во континуитет и треба да создадеме една резерва за евентуални идни шокови. Ова е важно прашање кое не не засега само нас, туку и многу земји во Европа се борат со високи буџетски дефицити, но за нас е поголем предизвик бидејќи ние сме и земја во развој. Оттука, приоритет во фискалната политика останува фискалната консолидација и внимателно и дисциплинирано планирање и трошење на јавните средства“, вели министерката за финансии.
Таа посочи дека од тие рамки нема да се отстапи и со ребалансот којшто веќе се подготвува во Министерството за финансии и потенцира дека буџетот е ликвиден, сите обврски се сервисираат и дека редовно се исплаќаат платите и пензиите.
Во интервјуто се осврна и на состојбата со јавниот долг, при што посочи дека последниот податок е заклучно со првиот квартал од 2026 година и дека состојбата покажува намалување како процент од БДП во споредба со вториот квартал од 2024 година. „Тоа, како што појаснува, значи дека буџетските средства придонеле за раст на економијата, што е поголем од апсолутниот раст на долгот. И кога говориме за задолжувања нивната оправданост се гледа преку тоа во што се насочени. Да бидеме појасни за јавноста кога станува збор за задолжувањата, oваа Влада има голем предизвик со сервисирање на стари обврски коишто се реализирани во минатото, а доспеваат во овие четири години. Така да потсетам дека минатата година реализиравме отплата на Еврообврзница од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврница од 700 милиони евра и половина од оваа Еврообврзница веќе е сервисирана, а половина ќе се сервисира во текот на јуни 2026 година. Или попластично вкупно 9 милијарди евра стари долгови по основ на главнина и камата на долг кои оваа Влада има обврска да ги сервисира од 2026 до 2031 година“, наведеува министерката.
Таа потенцира дека управувањето со јавниот долг особено кога веќе нивото е достигнато до оној психолошки момент од 60 проценти бара огромна внимателност со цел да се зачува стабилноста во јавните финансии, а во услови кога треба да се финансира и развојот.
„Што покажуваат бројките. Во 2017 година јавниот долг изнесуваше 4,78 милијарди евра кој до вториот квартал од 2024 година достигна 8,87 милјарди евра, што e двојно зголемување во време на владеење на претходната Влада. Она што сакам да укажам и да повторам дека во периодот од втората половина на 2024 до првиот квартал од оваа година само за сервисирање на еврообврзниците се обезбедија 1,2 милијарди евра, и ова е само главница и само дел од обврските кои доспеваа, дополнително на тоа се и обврски и по други основи за реализација на проекти и обврски на домашниот пазар. За мене се важни средствата коишто ги обезбедивме за проекти во општините во овој период и секако 250 милиони евра кои ги позајмивме во економијата и кои сега се евидентираат во јавниот долг, но тие ќе се вратат во буџетот. Најважно е дека со тој проект имаме ефекти врз економскиот развој“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.